Има ли надеж за СЈО?: Партиите на маса пред законот да влезе во парламент


Обвинителката Лиле Стефанова признава дека ситуацијата во СЈО никогаш не била потешка

Водечките партии се договорија да му дадат уште една последна шанса на законот за обвинителство. В понеделник тимовите на власта и на ВМРО-ДПМНЕ ќе седнат на заедничка маса за да видат дали може да се договорат за законот што го одредува натамошниот статус на Специјалното јавно обвинителство. Веќе утредента, односно во вторник, предлогот на Владата влегува во парламентот. За да се изгласа, потребно е двотретинско мнозинство и затоа се инсистира на договор меѓу власта и опозицијата.

Преговорите ќе продолжат во сенка на притворувањето на Катица Јанева поради инволвираност во случајот „Рекет“. Правната фела вчера отвори дилема дали останатите обвинители во СЈО имаат надлежност да ги застапуваат обвиненијата откако шефицата им е во затворот во Шутка. Користејќи го тој аргумент, адвокатите на обвинетите во случајот „Титаник“ на вчерашното рочиште во скопскиот Кривичен суд побараа судот да го стопира процесот. Обвинителката Лиле Стефанова побара од советот повеќе време да се произнесе по ова барање на одбраната, па доби одложување на рочиштето до 4 септември. Подоцна пред новинарите рече дека смета оти има овластување да ја води постапката по предметот „Титаник“, но и дека треба сериозно да се погледнат укажувањата на одбраната изнесени на вчерашното рочиште. Стефанова посочи дека одбраната не побарала изземање на неа или на Катица Јанева, туку изнела повеќе околности заради кои бара прекинување на расправата.

Сметам дека сите тие укажувања треба сериозно да се размислат и да се погледнат. Колегиумот на јавни обвинители во СЈО да ги разгледа и да донесеме заеднички заклучок како понатаму ќе постапуваме. Не беше побарано мое изземање, не беше побарано изземање на Катица Јанева, туку беше побаран прекин на постапката“, изјави Стефанова.

Прашана дали обвинителката Елизабета Јосифовска има право да ја менува Катица Јанева, Стефанова рече дека таа нема такви права.

Јас лично сметам дека имам овластување да ја водам постапката и денеска да постапувам, меѓутоа сакам да дадам простор да размислиме убаво и да видиме што понатаму“, изјави Стефанова.

Обвинителката која беше на распит во истрагата за случајот „Рекет“, признава дека СЈО во моментот е во најтешкиот период од основањето пред четири години.

Затоа апелирам политичарите, сите чинители во државата да седнат и да го донесат законот за јавното обвинителство за да немаме прекин на постапките, не само на оние што се дадени во суд, ние имаме и сериозни истраги. Со неносењето закон, со немањето овластување, му даваме огромен простор на криминалот. Шефот е осомничен за криминал од пред два дена. Јас сакам да кажам дека денес гледаме расчистување со криминалот и треба да бидеме горди на тоа, па дали ни бил шеф, колега или пријател, воопшто не е важно“, посочи Стефанова.

На прашањето дали се оградува од Јанева, таа одговори: „Јас ниту сум се доближила до Катица Јанева, од самиот старт се оградувам“.

Фото: Б. Грданоски

Од преговарачкиот тим на власта велат дека се подготвени да разговараат по сите забелешки што ги има ВМРО-ДПМНЕ. Финансиската независност на целото Јавно обвинителство, а не само на новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, во чие тело би се вкорпорирало и актуелното СЈО, е најмал проблем и тука најлесно ќе се најде решение. Опозицијата бара Вилма Русковска да не раководи со новото обвинителство, а во него по автоматизам да не влезат и сите обвинители од СЈО, останатиот персонал и сè што поседува, туку сите наново да конкурираат. Се чини дека најмногу мака ќе има со барањето на опозицијата предметите што ги отвори СЈО до 30 јуни 2017 година сега да се преселат во редовното Обвинителство, а тие потоа да се затворат. Власта смета дека опозицијата сака да ги спаси криминалците од поранешната власт, додека опозицијата, пак, смета дека СЈО е целосно компромитирано и оти логично е предметите да се преселат во редовното Обвинителство, кое во моментов го предводи Љубомир Јовески.

Извештајот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“ и за отворената истрага против Катица Јанева вчера беше доставен во Советот на јавните обвинители. Во него се содржани деталите од постапката против Катица Јанева, истрагата за злоупотреба на службената положба на специјалната обвинителка и причините за барање на притворот. Советот на јавни обвинители врз основа на овој извештај ќе треба да одлучи дали ќе бара разрешување на Јанева од позицијата во СЈО.

Нејзиниот мандат завршува на 15 септември годинава, па се шпекулира оти нема да се оди на нејзино разрешување и назначување в.д. главен обвинител бидејќи процедурата е долга и комплицирана и прашање е дали да се тера толкав пат кога за три недели и онака ќе ѝ престане шефувањето.

Министерката за правда Рената Дескоска во интервју за „Независен весник“ рече дека Владата размислува и за други опции доколку не дојде до компромис за законот за обвинителство, односно доколку не биде изгласан во Собранието. Не кажа кои, давајќи му простор на дијалогот.

Горан Адамовски