Има ли иднина новата шарена коалиција?  


Брисел конечно ќе може да здивне – досега не е видено одлука за почеток на преговори да добие земја за која не се знае кој ќе ја води и со какви политики ќе настапува

 

Слободанка Јовановска

Кога Аријанит Хоџа од Беса вчера на прес-конференција објаснуваше колку е принципиелна и чесна неговата партија, тоа беше јасна најава дека всушност се подготвуваат да ја сменат страната. Во „поштење“ во политиката во Македонија веќе никој не верува, а потписот вечерта со партиите, со кои нема ништо заедничко Беса, потврди дека ќе бидеме сведоци на уште една политичка проституција.

Не дека тоа никој не го очекуваше, бидејќи вакви прелети во правец на власта сме гледаме многупати досега и нема да бидат последни.  За да остане нешто од политичката „принципиелност“ на Беса, која е тука каде што е затоа што ја донесе на власт СДСМ, на фотографијата што беше лиферувана по создавањето на новото парламентарно мнозинство за уривање на Владата не се појави Билал Касами туку Хоџа. Тоа е јасен сигнал дека се вртат кон евентуалната нова влада, но не се сигурни дека на изборите нема да останат со два прста ако се приклонат целосно на таа страна. А, ред е исто така зад ваков непринципиелен политички потег, не заради друго туку заради тврдењата два дена пред тоа дека остануваат во коалицијата, да стои авторитетот на некој понизок партиски член место на актуелниот лидер.

Главната дилема сега е дали новата коалициска орбита на ВМРО-ДПМНЕ може да испорача и нова влада пред или по изборите. „Прогресивните сили“ што ги повика СДСМ да им свртат грб во парламентот тешко е да се распознаат, бидејќи политиката во Македонија се претвори во нон-стоп борба за доаѓање на власт и за тендери. За многумина несфатливо е, па и комично што на иста маса и пред договор да формираат заедничка влада без избори, се партии со спротивставени идеолошки позиции и програми, или како што беа коментарите на јавноста – за влез во НАТО и ЕУ, но и за излез од НАТО и ЕУ, за напуштање на Преспанскиот договор (ВМРО-ДПМНЕ и Левица) но и за неговото почитување како услов (Беса и Алијанса/Алтернатива), за пресметка со капитализмот и корупцијата (Левица), но и за  исправање на неправдата околу политичките затвореници (од Никола Груевски па до Орце Камчев )… Исто така, за напуштање на признавањето на Косово, но и за подобрување на односите со него, за поништување на Охридскиот договор (Левица), но и за негово целосно исполнување (Алијанса)… Или, наједноставно кажано, се засакаа и здружија тие што тепаа и тие што беа тепани во парламентот на 27 април. Колку и да изгледа неверојатно, парафразирано со зборовите на Христијан Мицкоски – тоа е новата политичка реалност.

Тие што веруваат дека новата најавена коалиција е „пакт со ѓаволот“ и дека не е можно да се случи, се лажат длабоко. Ниту на Мицкоски му е гајле за името на Македонија и за Преспанскиот договор, ниту на Левица ѝ е гајле за односите со НАТО, ниту на Беса ѝ е до принципите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за правата на Албанците, бидејќи сите овие прашања се само средство како да освојат што повеќе места на изборите. Се лажат сите што веруваат дека политичките и концепциски разлики ќе ги спречат овие партии да направат влада, бидејќи во политиката секогаш има начини и да влезеш во непринципиелна коалиција и да си ја зачуваш привидно невиноста. Судејќи по начинот на кој се однесуваше ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт, тие реторички силно ќе бидат за ЕУ и против Преспанскиот договор, а во практика само нема да го почитуваат тоа што е договорено со него и со популистички потези ќе си го билдаат рејтингот на оваа тема. Исто така, сите партии навестија дека не сакаат да бидат во влада со партија која ги негира договорите постигнати досега и која е за излегување од НАТО, но формално Левица нема ни да биде дел од таа можна коалиција, туку само ќе ѝ дава поддршка од надвор, па и таа ќе остане политички невина, а владата про-НАТО… Единствено што ќе треба да се најде начин како тоа да им се продаде на гласачите ако има предвремени парламентарни избори.

Единствена непозната во новонастанатата ситуација е како ќе изигра ДУИ во периодот што доаѓа, откако новинарите побрзаа да ја пензионираат од власта за првпат во историјата. Без оглед што оваа партија ги потона сите коалициски партнери досега, нема да биде изненадување, на крајот, сите овие што се сликаа со Мицкоски да се најдат затечени со прстот во уста, а особено Беса, бидејќи за идната коалиција сепак ќе одлучи бројот на освоените места во парламентот. На крајот на краиштата, кој сака да има коалициски партнер кој до пладне дава поддршка на една политичка опција, а попладне веќе става потпис за друга коалиција. Алијансата и Алтернатива веќе беа така искористени, па прејдени жедни преку вода.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, денес оцени дека ваквиот сојуз скапо ќе ги чини овие партии кај Албанците. Истото важи и за Левица, која продава некаква „Че Гевара“ политика во Македонија и глуми независност и политичка чистота, додека прави коалиции буквално со сите што тоа ќе ѝ го понудат.

Тоа што од локални избори стигнавме повторно до парламентарни и што по три месеци целосна парализа ќе следат уште најмалку пет месеци неизвесност и деструкции, покажува уште еднаш дека Македонија е повторно поразена.

На крајот може да се случи СДСМ пак да остане, но штетата за функционирањето на државата ќе биде огромна. Иако летаат тешки обвинувања кон Брисел за новата политичка криза, целата ситуација дополнително ќе одмогне околу очекувањата да почнат преговорите за членство со ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ, ако е на власта во декември за промена ќе го има за свој сојузник еврокомесарот Оливер Вархеи, кој досега беше обвинуван дека работи за Бугарија, а против Македонија. Но неговиот глас тешко дека ќе значи нешто во Брисел, особено што досега не е видено одлука за почеток на преговори да добие земја за која не се знае кој ќе ја води и со какви политики ќе настапува. Брисел конечно ќе може да здивне, бидејќи за застојот одговорноста повторно ќе биде на наша страна, а Мицкоски ќе има уште еден наратив за на анти-ЕУ крилјата да освои нов мандат.