Има ли докторандот од Москва Дарко Тодоровски улога во руската хибридна војна во Бугарија?

Познатиот бугарски новинар Христо Грозев од истражувачката мрежа „Белнгкет“ на бугарските пратеници им соопшти непријатни работи - дека Софија ја крие од западните земји улогата на руската тајна воена служба ГРУ


Христо Грозев беше на тајна локација во Европа кога сведочеше пред бугарските пратеници

 

Сведочењето на познатиот истражувачки новинар Христо Грозев од мрежата „Белингкет“ пред парламентарна комисија на бугарското собрание неочекувано откри една наводна „македонска врска“ во руската хиберидна војна во Бугарија. Грозев, по кого Русија распиша потерница на 26 декември, на прашањето дали знае кои бугарски новинари добиваат пари од Москва, рече дека тие средства оделе преку луѓе од Македонија. Спомна едно име – Дарко Тодорович, веројатно мислејќи на Дарко Тодоровски – автор во некои проруски сајтови, кој наводно, работи во институција подредена на рускиот претседател.

Тезата за бугарските новинари кои добиваат пари од Русија постои со години, но во 2022 година таа беше засилена со научна студија и со изјави на Лена Бориславова, шефица на кабинетот на премиерот Кирил Петков. Бориславова потоа стана предмет на потсмев и сексистички навреди.

Грозев, во интервју за бТВ соопшти и дека Тодоровски на бугарските веб медиуми им плаќал по 500 лева (250 евра) за да ги објавуваат дезинформациите произведени во руските хибридни фабрики.

Во разговор за Телма Дарко Тодоровски ги демантираше овие наводи на Грозев, велејќи дека не работи во институција подредена на рускиот претседател и дека е трета година на докторски студии, насока политикологија. Потоа дека за воени конфликти пишувал подолго време, соработувал со различни портали,  медиуми, компании во Македонија, во Бугарија, во Србија и во Русија.

„Не знам од каде му е идејата дека сум давал пари за ширење лажни вести. Три пати како новинар заедно со групи од 40 странски новинари бев дел од прес-тури на министерството за одбрана на Руската Федерација во воената зона во Украина по почетокот на војната и мои текстови се имаат објавено и во Македонија и во Бугарија, плус настапи во Македонија, Србија и Бугарија“, вели Тодоровски за Телма.

Надвор од овие вести за Дарко Тодорвски, Христо Грозев во видео сослушувањето пред пратениците кажа повеќе работи кои се директни обвинувања за властите во Софија. Тој праша –  зошто Бугарин би се чувствувал загрозен во Бугарија ако неговата работа е да ги разоткрие руските злосторства?

Бугарските власти, според него, имаат нејасна проценка за суштината на режимот во Русија, а некои од нив ги кријат од Западна Европа злосторствата на овој режим. Тој рече дека ќе се чувствува загрижен за својата безбедност доколку се врати во Бугарија. Грозев е бугарски државјанин кој живее во странство и работи во „Белингкет“ кој има седиште во Холандија. Откако Русија распиша потерница по него најмалку три западни земји му понудиле заштита од рускиот прогон, но Бугарија не била меѓу тие земји.

Ова доведе до предлог на партијата Демократска Бугарија  Грозев да биде сослушан пред парламентарната комисија за контрола на безбедносните служби, што се одржа во четвртокот попладне. Грозев учествуваше преку видео врска. Сослушувањето траеше еден час и 40 минути.

Грозев рече дека ниту една бугарска институција, со исклучок на тајната служба, не контактирала со него. Претставниците на извршната власт не го информирале за средбата во МНР со руската амбасадорка Елеонора Митрофанова во врска со неговиот случај.

Митрофанова е повикана на објаснување со три дена задоцнување. Таа рече дека не знае по кое обвинение се бара Грозев, но претпоставува дека тоа било предупредување да не оди во Русија, каде што не бил добредојден.

Овој аргумент на рускиот амбасадор е невалиден, рече Грозев, и потсети дека му е забранет влез во Русија од 2016 година и нема потреба да ја добива истата порака шест години подоцна. Тој потврди дека до ден денес неговите адвокати не можат да разберат за што го обвинуваат руските власти.

Неговата лична претпоставка е дека тој се барал поради последната голема истрага – за тим Руси кои од далечина ги воделе ракетите кои убиле украински цивили. Таа истрага доведе до тоа ЕУ да воведе лични санкции за тие луѓе пред  две недели, рече тој.

Од Грозев беше побарано да одговори дали бугарските власти го контактирале за да поработат на неговите претходни истраги, меѓу кои била и Бугарија. Овие истраги поврзуваат три главни заговори:

  • труењето на трговецот со оружје Емилијан Гебрев и неговите роднини во Софија во 2015 година;
  • труењето на семејството Скрипал во Солсбери, ОК, во 2018 година.
  • експлозиите во магацини за оружје и фабрики кои траат со години во различни земји како Чешка, Бугарија и Украина.

Овие настани ги предизвикале истите луѓе кои работат за руските служби, покажуваат истрагите на „Белингкет“. Поради ова, Грозев е сведок во случаите поведени во други земји за овие инциденти.

„Мојата комуникација со овие [странски] власти покажува дека информациите од бугарските служби споделени со нив се погрешни“, рече Грозев пред парламентарната комисија.

Тој објасни дека во бугарските истражни дејствија се откриени податоци за учество на руското воено разузнавање, наречено ГРУ, во експлозиите во Бугарија. „Но, надвор [овие експлозии] се претставени како кршење на безбедносните правила“, рече Грозев.

„Знам дека во [бугарските случаи] постои оваа изјава [за улогата на ГРУ]. Значи Бугарија не им помага на другите земји, ја крие улогата на ГРУ“, додаде Грозев.

На сослушувањето на Грозев во четвртокот немаше прашања од три партии кои, сепак, беа присутни во салата: БСП, ДПС и Бугарски подем.

ГЕРБ, ПП и ДБ беа првенствено заинтересирани за прашањето за личната безбедност на Грозев, при што ГЕРБ бараше повеќе информации за недејствувањето на преодната влада, а ДБ – за неактивноста на истражните органи.

Партијата Преродба учествуваше најактивно – преку четворица нејзини пратеници. Еден од нив, Николај Дренчев, уште пред почетокот на сослушувањето зазеде став: „Русија има право да бара криминалци кои извршиле злосторства“, рече тој и додаде: „Попрво таквите луѓе треба да ги предадеме на Русија“. (Н.В.)