Им ја исклучиле струјата на цела држава поради милионски долг

„Карпауершип“, еден од најголемите светски оператори на пловечки електрани и дел од Групацијата „Карадениз енерџи“, обезбедува 100 отсто од потребите за електрична енергија на Гвинеја-Бисао


 

Главниот град на африканската држава Гвинеа Бисао го обви темнина откако турската компанија „Карпауершип“ (Karpowership) го прекина снабдувањето со електрична енергија поради неплатен долг од 17 милиони долари, пренесе Хина.

Министерот за економија Сулејмане Сеиди рече дека во тек се аранжмани за исплата на заостанати 15 милиони долари, ветувајќи дека проблемот ќе се реши во рок од 15 дена.

„Карпауершип“, еден од најголемите светски оператори на пловечки електрани и дел од Групацијата „Карадениз енерџи“, обезбедува 100 отсто од потребите за електрична енергија на Гвинеја-Бисао од потпишувањето на договорот во 2019 година, според нејзината веб-страница.

„Карпауер“ се согласи повторно да преговара со владата за да се осигура дека заостатокот нема да стане проблем“, рече министерот Сеиди на прес-конференција.

Во изјавата за ситуацијата во Гвинеа-Бисао, портпаролот на „Карпауершип“ рече: „За жал, по подолг период на неплаќање, нашата (пловечка електрана) сега не може да продолжи со работа“.

„Работиме деноноќно со официјални лица за да се реши ова прашање што е можно поскоро“, се вели во соопштението.

Ја исклучија и Сиера Леоне

Во септември „Карпауершип“ ја исклучи струјата и во главниот град на Сиера Леоне, Фритаун, поради неплатен долг од околу 40 милиони долари.

„Карпауершип“ располага со осум бродови кои можат да генерираат до два гигавати електрична енергија и со тоа да снабдуваат околу пет милиони домаќинства. Најголемиот брод има капацитет од 500 мегавати. Според сопствените изјави, снабдува со електрична енергија околу 30 милиони жители во осум африкански земји. Струјата доаѓа од електрани кои пловат на морето пред бреговите на одредени земји.