Илон Маск мора да работи 40 часа неделно во „Тесла“, инвеститорите испратија ултиматум


Во писмото се изразува загриженост за „нестабилноста на цената на акциите на ‘Тесла’, падот на продажбата, вознемирувачките извештаи за кршење на човековите права, како и влошувањето на угледот на компанијата во светот“. Инвеститорите тврдат дека обврските на Маск во други компании се мешаат во неговиот фокус на „Тесла“ и го обвинуваат одборот на директори дека „дејствува незаинтересирано и не е во можност да ги заштити интересите на сите акционери со тоа што не бара целосна посветеност на Маск на ‘Тесла’“.

Фондовите бараат обврската за минимална посветеност од 40 часа неделно да биде јасно вклучена во идните договори за надоместоците на Маск.

Акциите на „Тесла“ паднаа за повеќе од 24% од нивниот врв во декември 2024 година, пред Маск да почне да игра истакната и контроверзна улога во администрацијата на Доналд Трамп и пред да се појават гласини дека компанијата размислува да го отстрани. Маск подоцна призна дека неговите политички активности имале негативно влијание врз „Тесла“ и на почетокот на мај објави дека ќе биде помалку вклучен во политиката. На Економскиот форум во Катар на 20 мај, тој рече дека планира да остане на чело на „Тесла“ уште најмалку пет години – „освен ако не умрам“.

Покрај „Тесла“, Маск раководи и со SpaceX, а е и технички директор на X Corp. (порано Twitter) и е претседател на Фондацијата Маск, која ја води заедно со својот брат Кимбал. Во првите месеци од вториот мандат на Трамп, Маск дури се пресели во Белата куќа, каде што даваше дневни совети како раководител на новоформираниот Оддел за владина ефикасност, ДОГЕ – именуван по популарниот мем за криптовалути што Маск често го споменува.

Покрај бројните функции, Маск е познат и по тоа што голем дел од своето време го поминува објавувајќи содржини на мрежата X, која ја купи во 2022 година.

Покрај барањето Маск да биде повеќе вклучен во „Тесла“, инвеститорите во писмото побараа и што е можно поскоро да се изготви план за наследување, вклучително и план за вонредни ситуации, како и да се воведат ограничувања на бројот на одбори на директори во кои можат да учествуваат членовите на одборот на „Тесла“.

Во писмото се критикува самиот одбор: „Загриженоста за лошото корпоративно управување во ‘Тесла’ станува сè поизразена, особено откако компанијата усвои амандман на статутите што дополнително ја ограничува можноста на акционерите да ги сметаат директорите за одговорни за прекршување на фидуцијарната должност.“

Иако станува збор за моќни потписници – вклучувајќи ја Американската федерација на наставници, државните трезори на Орегон и Илиноис и финансискиот контролор на Њујорк – тие поседуваат само 7,9 милиони акции на „Тесла“, што претставува само 0,25% од компанијата.