Илјадници се приведени низ цела Русија за време на големите протести (галерија)


Во Цанкт Петербург беа приведени 1.000 лица (Фото: АП)

Според последните податоци, дури 5.000 лица завршија во притвор.  Демонстрации имаше од Владивосток на Пацификот, преку заледените сибирски градови до снежните Москва и Санкт Петербург

 

Руската полиција употреби голема сила при приведување на повеќе од 5.000 луѓе на национално ниво, додека демонстрантите излегоа на улиците втор викенд по ред и побараа ослободување на затворениот опозициски политичар и антикорупционер Алексеј Навални.

Полицијата за немири беше снимена како ги влече демонстрантите во комбиња во повеќе градови и ги тепа. Сопругата на Навални беше меѓу повеќе од 1.500 лица приведени во Москва, каде активистот е во притвор на 30 дена, додека го чека судењето за кршење на условната слобода.

Острината на тактиката на руската полиција – која исто така вклучуваше и оставање на некои од фатените да лежат во снегот и тепање со електрични пендреци – направи паралели за многу анализи на дејствијата во изминатите шест месеци од страна на органите на прогонот во Белорусија, каде што демонстрантите против постојаното владеење на силниот човек Александар Лукашенко беа претепувани.

До раните вечерни часови во Москва, бројот на приведени лица низ Русија достигна 5.000 и го надмина вкупниот број од претходниот викенд.

Демонстрациите се одржаа во повеќе од 100 градови и во двата викенда во, како што некои ги нарекуваат најголемите антивладини митинзи по географска распространетост откако рускиот претседател Владимир Путин ја презеде власта на крајот на 1999 година.

„Ова е најголемиот протестен феномен во целото време на претседателствување на Путин, во сите 20 години. Ќе биде тешко да се процени неговата големина, но нејзината географија – бројот на градови – е без преседан. Гледаме различна генерација демонстранти кои не се плашат“, рече Кирил Рогов, политички аналитичар, за радиостаницата Ехо Москви.

Во Москва беа приведени 1.500 лица, вклучувајќи ја и сопругата на Навални, Јулија. „Ако молчиме, тие ќе дојдат по некој од нас утре“, рече таа на Инстаграм пред да излезе на протест.

Амнести интернешнл соопшти дека властите во Москва уапсиле толку многу луѓе што градските притвори останаа без простор. „Кремљ води војна против човековите права на луѓето во Русија, гушејќи ги повиците на демонстрантите за слобода и промени“, рече во изјавата Наталија Звијагина, шеф на канцеларијата на групата во Москва.

Од протестите во Москва
Приведување во Омск
Илјадници луѓе на улиците на Санкт Петербург

Неколку илјади луѓе маршираа низ вториот по големина град во Русија Санкт Петербург, скандирајќи „Долу царот!“ и повремени расправии избија додека некои демонстранти ја туркаа полицијата. Повеќе од 1.000 беа уапсени.

Шведската министерка за надворешни работи Ан Линд, која во моментов претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, го осуди „прекумерното користење на сила од страна на властите и масовно притворање на мирни демонстранти и новинари“ и ја повика Русија да ги ослободи сите неправедно приведени, вклучувајќи го и Навални.

Братот на Навални, Олег, неговата главна соработничка Љубов Собол и уште три лица беа ставени во петокот во двомесечен домашен притвор под обвинение за наводно кршење на ограничувањата за корона вирусот за време на протестите минатиот викенд.

Насилството и пријавениот притвор за новинари, кои следуваа откако беше употребена полициска сила при апсење на илјадници демонстранти минатата недела, наиде на нова осуда од Вашингтон и повици за почитување на човековите права и слобода на печатот.

Демонстрантите на Далечниот исток и Сибир храбро им се спротивставија на ледените температури и силното присуство на полицијата за немири за да ги започнат демонстрации на денот.

Видео клиповите од Владивосток, каде на стотици демонстранти им беше забранет пристап до центарот на градот, покажаа учесници фатени за рака како скандираат „Путин е крадец“ и „Мојата Русија е во затвор!“ на мразот на заливот Амур. Демонстрациите таму завршија по околу два часа.

Постоена полиција во Волгоград
Слогани против Путин во Москва
Се протестираше и во Хабаровск

Во Иркутск, каде што, како што се наведува, биле уапсени 24 лица, демонстрантите беа снимени како се приведени откако полицијата го разби собирот во центарот на градот.

Снимките во живо од Current Time покажаа големо полициско присуство во уралскиот град Перм пред да завршат демонстрациите таму.

Демонстрантите во Казан, главниот град на Татарстан, беа прикажани на социјалните мрежи како се судираат со полицијата за немири. Видеото подоцна покажа неколку притвореници во Казан како лежат со лисици на снегот.

Откако пристигнаа извештаи дека повеќе новинари облечени во јакни идентификувајќи се себеси како членови на печатот се приведени на митинзи низ целата земја, американската амбасадата во Москва ги повика руските власти да ги почитуваат меѓународните човекови права и слободата на печатот.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, во меѓувреме, преку твит рече дека Соединетите Држави „ја осудуваат постојаната употреба на груба тактика против мирните демонстранти и новинари од страна на руските власти веќе втора недела. Ние го обновуваме нашиот повик Русија да ги ослободи приведените кои се борат за нивните човекови права, вклучително и Алексеј Навални“.

Како одговор, руското Министерство за надворешни работи ги обвини Соединетите Држави за „грубо мешање“ во руските работи и го обвини Вашингтон за промовирање повици за, како што смета Москва, незаконски собири од неодредени „онлајн платформи контролирани од Вашингтон“.

Еден демонстрант за Current Time изјави дека присуствувал на митингот и покрај заканата од апсења и тепање затоа што сакал да забележи подобрување на животот во Русија.

Судири со полицијата во Владивосток
Полицијата апси во Москва

Учеството на протестите „е како работа за секој граѓанин кој сака неговата земја да стане подобра. Не сакам да присуствувам, но ќе присуствувам затоа што е потребно“, рече тој.

Бидејќи бројот на притвори на национално ниво се зголеми на 31 јануари, тимот на Навални издаде соопштение на Телеграм во кое бара демонстрантите да не ја допираат полицијата и да избегнуваат да бидат „измамени од провокации“.

Полициската акција не ги остави новинарите неповредени.

Видеото објавено на социјалните мрежи покажа дека полицијата тепа новинарка облечена во елек за печат во еден град на северот. Новинарот Георгиј Марков тврди дека полицијата наводно го малтретирала. Акредитиран хонорарен дописник кој работи за Руската редакција на РСЕ, Андреј Афанасиев, беше приведен во градот Благовешченск на Далечниот исток, додека се движеше да ги покрие тамошните протести.

Генерално, 35 новинари беа приведени на национално ниво, од кои осум во Санкт Петербург, според Центарот за следење на повредите на правата на руските новинари и медиуми.

На 23 јануари, десетици илјади луѓе во повеќе од 110 градови го послушаа повикот на Навални да демонстрираат против неговото апсење. Полицијата приведе речиси 4.000 луѓе тој ден во еден од најголемите протести во последните неколку години.

Пред протестот на 31 јануари, полицијата издаде предупредувања дека учесниците на „нелегалните“ митинзи ќе се соочат со кривична пријава за кршење на здравствените ограничувања поврзани со корона вирусот.

Потоа властите брзо се движеа против најблиските сојузници на Навални, медиумите и заедничките поддржувачи во обид да спречат излив на несогласување преку бран притвори и акти на заплашување.

Полицијата делумно го затвори транспортот во двата најголеми града во земјата во обид да го намали бројот на учесници и да ги спречи нивните планови.

Во Москва, на местото на најголемиот митинг, тимот на Навални мораше да го одложи почетокот на нивната поворка за еден час откако полицијата затвори седум метро станици и блокираше улици.

Демонстрантите во главниот град беа повикани да се соберат на плоштадот Лубјанка пред седиштето на агенцијата за безбедност на ФСБ и плоштадот Стараја, каде што има канцеларии на претседателската администрација.

Сепак, откако полицијата ја опколи областа, протестот беше преместен подалеку од центарот. (Според агенциите)