Илјадници луѓе во Тирана му оддадоа почит на Исмаил Кадаре
Починатиот голем писател имаше приватен погреб. Албанија прогласи дводневна жалост
Илјадници Албанци се собраа во Тирана за да му оддадат почит на најпознатиот романсиер во нивната земја, Исмаил Кадаре, кој почина во понеделникот по срцев удар.
Знамињата се вееја на половина копје додека ковчегот на 88-годишниот писател и поет лежеше во влезниот хол наТеатарот на операта и балетот на плоштадот Скендербег, опкружен со офицери на Националната гарда.
Некои ожалостени ги читаа песните на Кадаре, додека други аплаудираа и фрлаа цвеќиња додека ковчегот на писателот беше пренесен во погребна кола за приватен погреб во градот.
Албанскиот премиер Еди Рама во говорот рече дека Кадаре, кој беше номиниран 15 пати за Нобеловата награда за литература, но никогаш не ја доби, ја ставил литературата на неговата земја „во пантеонот на светските писма“.
Рама рече дека писателот, чии најпознати дела ги вклучуваат „Генералот на мртвата војска“ и „Палатата на соништата“, „дојде на овој свет, пишуваше и замина“. Тој додаде дека е правилно Кадаре да има приватен погреб, бидејќи „не бил маченик и не му било во желба да биде маченик“.
И покрај тоа што ја пропушти Нобеловата награда, Кадаре во својот живот доби бројни награди, вклучувајќи ја меѓународната награда „Мен Букер“ во 2005 година, наградата „Принц од Астуријас“ за уметност во 2009 година и наградата „Америка“ за литература во 2023 година. Во Франција, каде тој побара политички азил во 1990-тите, претседателот Емануел Макрон минатата година му ја додели титулата голем офицер на Легијата на честа.
Кадаре „ги прими сите можни пофалби и почести од светот“, рече Рама, „и сите можни… навреди од земјата што го роди“.
Под комунистичкиот режим на премиерот Енвер Хоџа, некои од песните и романите на Кадаре беа забранети затоа што изгледаа како да ја критикуваат авторитарната параноја на владејачката партија, а писателот беше принуден да присуствува на сесии за самокритика. Во 1975 година, тој беше испратен да се занимава со физичка работа во едно зафрлено село, откако објави сатирична поема која беше насочена кон албанската државна бирократија.
Но, писателот отфрли да биде етикетиран како „дисидент“, велејќи дека отвореното противење на диктаторски режим било невозможно. Иако не беше член на партијата, Кадаре во еден момент беше претседател на културен институт со кој раководеше сопругата на Хоџа.
Во Албанија е прогласена дводневна жалост. Соседното Косово, исто така ја прогласи средата за ден на жалост. Официјални лица од соседна Северна Македонија, која има значително етничко албанско малцинство, присуствуваа на погребната церемонија во Тирана.
„Тој не беше само писател. Тој ги претставуваше чувствата на сите Албанци од сите времиња во историјата“, рече Анѓелина Џара, филмаџија која работеше со Кадаре.
Кадаре е роден во градот Ѓирокастро во 1936 година. Тој ја остави сопругата, авторката Хелена Кадаре и нивните две ќерки. (Ројтерс)