Илинка Митрева, борбената шефица на дипломатијата, почина на 72 години
Илинка Митрева, која остави неизбришлива трага во македонската дипломатија како министерка за надворешни работи, почина на 72 години. Веста ја објави СДСМ, партијата чиј член беше.
Како ретко кој министер за надворешни работи Митрева, романски филолог по професија, остави сеќавање во колективната меморија за македонската дипломатија.
Таа беше на два пати министер за надворешни работи. Првиот пат во рамките на големата коалиција за време на воениот конфликт во 2001 – од мај до ноември таа година. А потоа четири години по победата на СДСМ на изборите во 2002.
За време на првиот мандат во 2001 таа одигра многу важна задача во стивнувањето на конфликтот, контактите со меѓународните организации и поединечните држави, како и нивните претставници.
Во вториот мандат, заедно со вицепремиерката за европски прашања, Радмила Шекеринска, имаше голем придонес во доделувањето на кандидатскиот статус за Македонија од страна на ЕУ. Беше пратеник во Собранието од 1994 до 2001 година.
Митрева ќе биде запаметена како фајтер во дипломатијата, не само во домашната политика, туку и во меѓународните контакти со своите колеги. За некого тоа на моменти изгледаше пресилно, но сѐ беше во склад со македонските интереси. Медиумите во тоа време често ја нарекуваа „лавица“ или „тигрица“.
Илинка Митрева беше ќерка на еден од најголемите македонски ерудити, професор, книжевен критичар и есеист, Димитар Митрев. Заврши романска филологија на Филолошкиот факултет во Скопје, магистрираше во Белград, а докторираше на Филилошкиот факултет при УКИМ. Таа со децении беше професор по француска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.
Полиглот и со извонредно познавање на европската литература и односите меѓу земјите, Илинка Митрева успеа да докаже дека може да се снајде и во најкомплицираните моменти во дипломатијата.
Во објавата на СДСМ за нејзината смрт се вели: „Како еден од основачите на партијата, Митрева го трасираше патот до она што СДСМ е денес, одговорна, државотворна партија.
Голем е придонесот на професорката Митрева во градењето и афирмацијата на македонската државност во времиња кои беа полни со сериозни предизвици.
Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните“. (Н.В.)