Или извоз на сув цвет од канабис или клуч на фирмите

Дозвола за извоз на сув цвет како краен производ е спасоносното решение за поновата производствена гранка, смета претседателот од Здружението на одгледувачи на медицински канабис – „Макканабис“, Костадин Дуковски.

Компаниите што имаат лиценца за одгледување канабис за медицински цели, а кои, како што соопштија од Владата, сега се веќе 27 на број, се затрупани со сув цвет, а само три-четири од нив засега имаат инвестирано во сопствени погони за екстракција на масло од канабис, чиј извоз е законски регулиран.

Станува збор за огромни инвестиции каде што фирмите што се занимаваат со овој бизнис од една страна и државата од друга страна, велат од Здружението, мора да бидат партнери доколку целта е оваа дејност да се развива и понатаму, за општо добро, за зголемување на економијата во државата.

За која сума пари во сув цвет кој ќе „оди фира“ станува збор појасни сопственикот на втората фирма добитник на лиценца во земјава „Оаза алколиди“, Славе Ивановски. Тој поседува 15.000 квадрати лиценциран затворен простор. За една година може да произведе три до четири реколти, што значи меѓу пет до седум тони сув цвет, секако со одреден степен на ризик за загуба меѓу 10 и 20 отсто.

„Вредноста на килограм сув цвет произведен без пестициди и тешки метали, со еколошки ѓубрива е меѓу три и четири илјади евра. Ако направиме проста математика, тоа значи дека вредноста на сувиот цвет што го произведува мојата компанија на годишно ниво е 30 милиони евра“, вели Ивановски.

Поголемиот дел од светските фармацевтски компании се заинтересирани за откуп на сувиот цвет за потоа самите да ја прават екстракцијата во масло од канабис.

„За да биде појасно за јавноста, одгледувачите на канабис за медицински цели во моментов функционираат врз основа на законска регулатива која ви кажува, на пример, дека мора да правите компот од праски, а праските како праски не смеете да ги продавате“, вели Ивановски.

Според него, голем непријател е и факторот време. И покрај вакумирањето за неколку месеци канабидоидите губат драстично од својата вредност и за таквиот производ веќе никој не е заинтересиран.

Колку точно сув цвет има заглавено во компаниите не е познато. Според проценките на Ивановски, станува збор за половина тон во просек по компанија или околу 12 тони, чија вредност се проценува на околу 45 милиони евра.

„Доколку законот не се измени, ќе се затворат фабриките, а тоа е голема штета бидејќи и државата ќе изгуби можност за заработка од овој профитабилен бизнис“, предупредува Ивановски.

Според одгледувачите на канабис, апсурдот е во тоа што не само што не извезуваат туку не го продаваат цветот и маслото од канабис ниту на домашните фармацевтски компании, повторно како последица од немањето на ГМП-сертификатот. Никоја од компаниите, тврдат, досега нема извезено ниту грам канабис ниту, пак, масло од канабис, ниту во земјава ниту надвор од неа.

За да се добие европскиот ГМП-сертификат, велат од Здружението, потребна е регистрација на производот во МАЛМЕД. „Значи не станува збор за краен производ – шишенце од 10 мл, туку за големи извозни пакувања од 1 литар кој аптеките во ЕУ понатаму ќе го продаваат како генерички лек. Без Владата да им даде прецизни насоки на МАЛМЕД и на Царинската управа во Македонија, пак ќе остане само напишано на хартија дека може извоз, а дефакто не може“, велат од Здружението.

Во насока на проблемот со отворање на патот до европските ГМП-стандарди за квалитет тој предлага државата да помогне во обука на наши инспектори во европските земји, но и да се повикаат инспектори од која било членка на Европската Унија кои би направиле соодветна инспекција во овдешните компании. Одгледувачите сметаат дека не е потребна законски предвидената банкарската гаранција од милион евра оти таа, како што велат, не е гарант од евентуални кривично правни дејствија. Не се согласуваат ниту со обврската да плаќаат 10 отсто од годишната добивка на посебна сметка бидејќи станува збор за фирми кои одгледуваат канабис како медицински лек.

„Банкарската гаранција е непотребна затоа што продуктот не се продава на Владата ниту таа обезбедува субвенционирање. Владата не распишува тендер за набавка на производот, а со тоа банкарска гаранција да се активира доколку нема испорака. Доколку, пак, се дозволи одредбата за плаќање 10 отсто од годишната добивка, тогаш бараме истата мерка да се воведе и на производителите на лекови – ‘Алкалоид’, ‘Реплек’…“, велат од Здружението.

Спорен за нив е и условот наместо досегашните четири лица минимум да се вработат 15, како и давањето согласност од Владата за продажба на удели и сопственичка структура. „Согласност од Владата се дава само на фирми кои се формирани од Владата или, пак, таа е доминантен сопственик“, велат одгледувачите.

Бизнисот со одгледување канабис за медицински цели бележи огромен раст во светот. Светла иднина на овој бизнис во земјава предвидува и американскиот претриемач Мајк Штрауметис, познат како Биг Мајк, кој беше во посета на земјава и имаше средби со премиерот Зоран Заев и неколку министри. Тој на својот профил на Инстаграм непосредно пред прес-конференцијата на Здружението повторно објави видео во кое објаснува дека земјава има потенцијал за развој доколку тоа добро го направи.

„Земја на чиста убавина. Земја со уникатна историја. Македонија е полна со вредни и интелигентни луѓе подготвени за промена. Канабисот може да биде таа промена. Со околу 40.000 потенцијални нови работни места по легализацијата, постои огромна можност за Македонија – ако го сторат тоа правилно. Затоа, разговарав директно со премиерот Зоран Заев за фер лиценцирање на канабисот и како да се создаде јасен пат до европскиот пазар. Со економично земјиште, електрична енергија и вода, Македонија е главна локација за бум канабис“, вели Мајк.

Здружението на одгледувачи немало средба со Биг Мајк, додека тој беше во Скопје, но не гледа ништо спорно во неговите обиди за директен ангажман на македонскиот пазар.

„Ние подолго време соработуваме со него. Од неговата компанија ‘Адвенс нутриентс’ набавуваме минерални ѓубрива кои се составен дел од процесот на одгледување канабис. Неговиот ангажман само би ни помогнал во делот на подобрување на производството кое тука е во зародиш. Секоја конкуренција е добра“, вели Ивановски.

За средбите со Биг Мајк, Владата официјално не информираше. За сите средби јавноста дозна од гостинот кој ревносно пушташе фотографии на социјалните мрежи како од средбите така и од кафеаните и прошетките низ градот. Премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција посветена на лидерската средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање рече дека нема што да крие.

„Ние не ги соопштуваме сите средби. Јас седев до човекот, немаме дилеми и ништо не криеме. Целта беше медицинско масло од канабис и да го зајакнеме правото на извоз. Господинот Биг Мајк побара средба, поради тоа што во Македонија може да се помогне во пласманот. Ќе работиме понатаму за сè што е во интерес на државата. Тоа за нас се нови работни места“, истакна Заев.

Наум Котевски