Ќе се конфискува сомнителен имот над 50 илјади евра, предлог на нов закон

Оние што имаат имот над 50 илјади евра а не успеал да докажат како им е стекнат може да го изгубат во граѓанска постапка и тој да стане сопственост на државата


 

Предлогот на законското решение кое ја уредува конфискацијата на имот, чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, а не е опфатен со конфискација во кривична постапка или со оданочување на имот во даночна управна постапка, веќе е поставено на ЕНЕР и е достапно за коментари. Заради транспаретност на процесот на донесување на овој закон и подобрување на текстот преку отворена дебата, идната недела ќе се одржи јавна расправа на која стручната фела ќе има можност да ги сподели своите предлози и сугестии.

Со овие предлог-измени доколку обвинителството не може да докаже криминално стекнат имот во кривична постапка тогаш за сомнителниот имот ќе ја известува финансиската полиција за да почне постапка на таканаречена граѓанска конфискација. Граничната сума за ваквиот сомнителен имот мора да биде најмалку 50 илјади евра. Тогаш ќе може да почне овој вид конфискација.

Финансиската полиција потоа треба да провери дали имотот е стекнат на законски начин, а во случај да утврди дека не е, постапката во граѓански итни парници во име на државата ќе ја води Државниот правобранител. Предложеното законско решение предвидува, тужениот, сопственикот на сомнителниот имот да докажува дали имотот му е легален. Доколку во постапката не се утврди законитост на имотот, тој се одзема.

Ваков начин на конфискација се применува со антимафијашкото законодавство во Италија кога во постапка за конфискација се цели имотот стекнат од криминалните групи и криминалци кои се во бегство, недостапни или се починати. Во македонското законодавство, голем проблем беше токму со криминалните структури чии нелегални пари и имоти не беа опфатени со кривични постапки за дела како што се трговија со дрога, рекет, мито или проституција. Законот опфаќа и имот на македонски државјани надвор од државата, но и имот на странци или странски фирми во Македонија. Со законот се опфатени и функционери кои доколку имаат сомнителен непријавен имот над 50 илјади евра по курсот од 2007 година, ќе мора да докажат како го стекнале за да не им го земе државата.

Од Владата соопштуваат дека со донесување на применлив Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка се заштитува јавниот интерес на државата.

Предлог-законот го подготви работна група со која претседава вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска. Претходно, во соработка со Советот на Европа, Кабинетот за политики за добро владеење изработи нацрт текст заснован на физибилити студија и анализа на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи.

Јавната расправа за Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка ќе се одржи на 24 ноември 2023 година во Клубот на пратеници.