Идната година се очекува нови 5,5 илјади семејства да користат гарантирана минимална помош
Во 2022 година Министерството на труд и социјална политика очекува 5.500 семејства нови корисници на гарантирана минимална помош.
Ова го истакна денеска министерката Јагода Шахпаска, одговарајќи на новинарско прашање на прес конференцијата посветена на граѓанскиот буџет на Министерството за труд и социјална политика идната година.
„Средствата предвидени за социјални трансфери во Министерството за труд и социјална политика се проектирани на 11,6 милијарди денари. Оваа година заради пандемијата имавме влез на 8,5 илјади домаќинства во системот на социјална заштита. Од 27 илјади домаќинства кои беа пред пандемијата минатата година, до крајот на годината дополнителни 8,5 илјади семејства влегоа во системот така што во моментот имаме 35.500 семејства кои што користат гарантирана минимална помош“, рече Шахпаска.
Проекциите на Министерството за труд и социјална политика, имајќи го во предвид фактот дека пандемијата се уште не е завршена, се дека следната година во системот би влегле дополнителни 5.500 семејства.
„Меѓутоа сакам да нагласам дека системот ќе ги апсорбира, односно ќе обезбеди средства за сите семејства кои што се во социјален ризик“, рече министерката Шахпаска.