ИБМ укинува 10.000 работни места во Европа


Технолошката компанија ИБМ планира да засне околу 10.000 работни места во Европа, во обид да ги намали трошоците во својата подружница која бележи бавен раст во пресрет на најавената поделба на компанијата.

Најголем број отпуштања треба да има во Велика Британија и Германија, а се планира намалување и во Полска, Словачка, Италија и Белгија, пренесува BizLife.

ИБМ најави намалување на работните места во Европа на почетокот на овој месец за време на состанокот со европските претставници на работниците. По оваа вест, акциите на ИБМ паднаа за 1,6 проценти, а годинава вредноста на акциите на компанијата паднаа вкупно за 8,6 проценти.

– Нашите одлуки за вработените се донесени за да им обезбедиме најдобра поддршка на нашите клиенти во усвојувањето на отворена хибридна платформа во облак и можности за вештачка интелигенција (АИ). Исто така, продолжуваме да правиме значителни инвестиции во обука и развој на вештини за вработените во ИБМ за најдобро задоволување на потребите на нашите клиенти, се вели во соопштението на ИБМ.

Најмногу ќе биде погоден наследениот бизнис за ИТ услуги на ИБМ, кој се занимава со секојдневно работење со инфраструктурата, како што се управување со центри за податоци со клиенти и традиционална поддршка за информатичка технологија за инсталирање, работење и поправка на опрема.

ИБМ во октомври објави дека планира да направи пресврт во својот бизнис и да се фокусира на нови единици за вештачка интелигенција и облак-компјутер технологијата, за кои компанијата се надева дека ќе придонесат за раст на приходите.