И Заев и Мицкоски најавуваат победа на локалните избори, но кој ќе го добие Скопје?
Со оглед на тоа што официјално, опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема кандидат за градоначалник на Скопје, на претстојните локални избори, туку ја поддржува независната кандидатка Данела Арсовска, нејасно е како лидерот на партијата Христијан Мицкоски мери дека токму тие ќе бидат победници.
Имено, и на синоќешниот ТВ дуел на Канал 5, Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на локалните избори, а новинарот го праша што ќе биде репер за успех, дали бројот на градоначалници, победникот во Скопје, или вкупно на советнички листи.
„Видете, математичките калкулации да ги оставиме на страна, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои поголем број градоначалници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои повеќе гласови и на советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде онаа политичка партија и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ која што ќе биде победник на овие избори“, одговори Мицкоски.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев пак, смета дека „ние (СДСМ) ќе победиме и со градоначалничките места во вкупен број, ќе победиме и во вкупен број на советнички места во државата, во вкупен број на гласови во државата и ќе победиме во Скопје.“
Ако им се верува на анктетите пак, онаа на „Брима“ покажува дека 19,8 отсто од испитаниците би гласале за кандидат на СДСМ, 17,7 отсто за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, 7,5 отсто за ДУИ, 5,6 отсто за Алијансата на Албанците, 4,6 отсто за Движењето БЕСА, 3,3 отсто за Левица итн. За независен кандидат би гласале 2,4 отсто од анкетираните, а 8,8 отсто нема да гласаат.