И за Максим Димитриевски куќниот притвор за Груби е „невиден преседан“
По министерот за правда Игор Филков и неговиот партиски шеф во ЗНАМ, Максим Димитриевски го нарече одредувањето мерка куќен притвор за Артан Груби „невиден преседан“. Одговарајќи на новинарски прашања во Куманово Димитриевски рече дека тоа не е патот по кој сакаме да одием во Европа.
„Оваа одлука само ги потврдува нашите ставови и како политички субјект и моите лични ставови во делот на нефункционалноста на судскиот систем. Недозволиво е лице кое подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и да му се изрекува мерка притвор и истото од распит завршува дома. Сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани. Но, оставам на институциите на системот да се позанимаваат со ова што тоа значи. Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци истите да ги санкционира, во спротивно не се менува ништо“, изјави Димитриевски.
За Димитриевски е недозволиво Груби после 14 месеци бегство да заврши во куќен притвор.
„Сакаме во Европа, сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата“, изјави Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ, кажа дека е задоволен од работата на министерот за правда Игор Филков, а изјавите на одредени лидери, претставници на коалициски партнери, градоначалници за работата на министерот во однос на правосудниот испит, ги оцени како обид за дневна политика и собирање евтини политички поени.