И ВМРО-ДПМНЕ бара правда за Кочани


Фото: Б. Грданоски

Обврска и одговорност на судот е да има правда за случајот со трагедијата во Кочани, велат денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Вистината мора да излезе на виделина, а државата мора да гради систем во кој нема да има повластени и недопрени, туку законот ќе важи за сите. Заради тоа овој случај е исклучително важен. Македонија мора да ги победи сите што мислат дека со евтини трикови ќе ја надмудрат и остават во калта на нивното гнасно минато. Правда мора да има. За сите“, се вели во соопштението од партијата.

Оттаму реагираат на денешната прес-конференција на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на која, додаваат дека тој се обидел да глуми чесен човек во ситуација кога целата држава знае дека има сериозни дамки за модуларната болница, па се до разни набавки во здравството.

„Цела држава знае сè, освен oбвинителството. Еве, го повикуваме oбвинителството на Заев и на Филипче да делува одговорно и да испита сè“, соопшти владејачката партија.

Судот, како што се додава, има обврска да ги повика на одговорност сите што се огрешиле во каква било смисла, без разлика на политичка или етничка припадност.

„Судот не треба да води сметка на какви било политички пораки и притисоци, каква што е и оваа алиби прес-конференција на докторот Менгеле, Филипче, кој колку и да се обидува, не може да ја сокрие грозоморната улога во разни случаи“, стои во партиското соопштение.