И Вадефул побарал напредок околу спорот со Бугарија


Северна Македонија веќе постигна многу. Сега, напредокот во односите со Бугарија е особено важен за да може да се постигнат натамошните успеси во процесот на пристапување кон Европската Унија, порачал германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул по средбата со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, а потоа и премиерот Христијан Мицкоски.

„Тука во Скопје, перспективата за идно пристапување кон ЕУ е голема тема. Германија ја поддржува Северна Македонија на овој, не секогаш едноставен пат. Северна Македонија веќе постигна многу. Сега особено е важен напредокот во односите со Бугарија за да може да има натамошни успеси во пристапниот процес“,порача германскиот министер во стори-објава на Инстаграм.

Слична порака тој објави и на Твитер: “Северна Македонија помина долг пат на патот кон пристапување во ЕУ. Германија останува на ваша страна додека продолжуваме по ова патување. Сега повеќе од кога било, Европа треба да остане обединета“.

Претходно вчера, Муцунски во објава на социјалните мрежи соопшти дека на средбата со германскиот министер за надворешни работи, меѓу другото, разговарале за евроинтегративниот пат на земјава, реформските процеси, како и поддршката на Германија за евроинтеграција на земјите од Западен Балкан.