И со новите измени ВМРО-ДПМНЕ се бори за корупцијата, а не против неа
Со изјавата на Јанкулоска за „црпнати“ се кажува колку е „силна“ намерата на нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ да ја врати довербата во судскиот систем во државата
Една од најтрагичните фигури на македонската политика, Гордана Јанкулоска, се појави денес во јавноста за да каже голема мисла – дека сите во поранешното СЈО биле „црпнати“ и дека ја утнале мисијата. Ако некој не се сеќава, се работи за поранешна министерка за внатрешни работи, за политичар образуван на еден од врвните универзитети во Велика Британија и за некогаш надежен кадар на ВМРО-ДПМНЕ, која ја заврши кариерата со затворска казна и сега мора да одработува за партијата користејќи ваков јазик.
Со изјавата Јанкулоска, сепак, најави колку „силна“ е намерата на нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ да ја врати довербата во судскиот систем во државата. Покажа дека и натаму е само гола фраза борбата со корупцијата кога некој од нив е засегнат и дека се лажни тврдењата дека се за независност на судството и обвинителствата.
И, сето ова се случува во време кога се тркалаат два крупни настана околу правосудството – носењето на измените на Кривичниот законик (место нов Кривичен законик што веќе речиси три години го пишуваат) и политичката пресметка, па и јавен линч на јавната обвинителка Ленче Ристоска, која ги води најпрофилните два судски случаи од кои е засегната ВМРО-ДПМНЕ, „Талир 1“ и „Талир 2“, и едни од ретките што не успеаја да ги застарат или да ги наместат. И на едниот и на другиот „фронт“ јасно се насликува неподготвеноста на власта да расчисти со својата корупција.
Притоа, тие што имаат чесна намера и знаат каква е состојбата во државата, со право порачуваат дека измените на Кривичниот законик се вистински тест за државата дали сака да има независно судство, неселективна правда и казнивост за високата корупција, или сака уште некоја година да го глуми тоа, додека корумпираните со парите заработени од делење тендери и привилегии не си одат надвор од политиката, а можеби и од земјата. Самиот факт дека постојано се носат измени на Кривичниот законик и дека повторно треба да се менуваат покажува колку „силна“ е политичката волја да се стави ред во оваа криминализирана држава.
Тоа што пак денес во Собранието се предложени еден куп амандмани за измена на измените, е прв аларм дека и овојпат целта на власта е да се добие на време и правдата повторно да биде изиграна. Во стилот „не умри магаре на зелена трева“, пак ни се сервира бајката дека измените треба да ја санираат штетата направена со претходните измени во наредните неколку месеци, „додека не се донесе новиот Кривичен закон“. Кој пак никако да се донесе, а не требаше ни биде ни менуван, бидејќи нашироко отвори врата за застарување на еден куп случаи за висока корупција за кои обвиненија поднесе СЈО.
Замки, според експертите, има повеќе, што ја испровоцира пратеничката Моника Зајкова да порача денес дека, ако се носат измени на законот, да се потрудат барем да бидат суштински и да ги решат проблемите, а Левица – дека вака како што се предлагаат измените високата корупција ќе остане неказнета, а јавноста е крајно огорчена, бидејќи криминалот на носителите на јавни функции не може веќе да остане без одговор.
Забелешките се дека е недозволиво ограничувањето на траењето на казните бидејќи така се отвора простор да застарат делата, дека е неприфатливо да има рок од пет години за конфискација на незаконски стекнат имот, дека треба да се прошират и условите за негово одземање, дека не може да се сведат само на две дела злоупотребите околу јавните набавки и дека внатре треба да влезе и фаворизирањето на компании, местењето технички спецификации и слично. Тенденцијата очигледно била да се претури од „шупливо во празно“, т.е. да регулира божем казнивоста за одредени дела, а да се отвораат дупки кои ќе овозможат да се избегне одговорност, т.е. и да има закони како да нема.
Тоа што владејачката партија што ги предлага овие измени самата е предмет на судско гонење за сериозни финансиски злоупотреби, ги прави пристрасни и тендециозни сите нивни политички пресметки со јавни обвинители и преставници од судството. Да беа чисти, ВМРО-ДПМНЕ ќе бараа забрзување на судските процеси за перење пари и незаконско финансирање на кампањите, место да поттикнуваат јавен линч и да лепат навреди врз јавен обвинител чија работа е да ја гони корупцијата. Место тоа, судскиот процес што започна во 2019 година шестпати се суди од почеток, а нервозата е резултат на неможноста да им застарат и тие дела.
И речникот на Јанкулоска е израз на таа нервоза кон СЈО, а реално кон Ленче Ристоска, бидејќи се дрзна да им поднесе кривична пријава за притисоците на кои е изложена од власта и им порача дека нема намера да се повлекува. Никакви етикети на нејзина адреса нема да го сменат фактот дека делата со нивна помош можеби ќе застарат, но ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да го исчисти образот со политичката пропаганда што ја спроведува, бидејќи и за нив правдата може да се добие само во судница.
Јанкулоска пак требаше да ја научи лекцијата од својата наивност во политиката и да си го провери рејтингот во јавноста, бидејќи така ќе знае дека нејзиниот збор нема тежина како на обвинителката – што ја нарече „црпната“. Дека не може да обвинува за политички прогон некој кој е фатен на снимка како договара политички прогон, дека не може да обвинува обвинител за партиска дисквалификација некој што ги прослави како министер партиските тефтерчиња во судството. И треба да каже како може толку важен судски процес да трае седум години, шестпати да почнува од почеток и делумно да застари, а во исто време на брза лента да се одвива судењето на Онкологија и за други случаи за кои власта има пропаганден интерес. (С.Ј.)