И СДСМ против амнестијата на Лога

СДСМ ќе гласа против законот за амнестија што ја предложи коалицискиот партнер, министерот за правда Кренар Лога. Вчера заменичката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ од Охрид и индиректно кажа дека СДСМ се против законот кој во Влада го протурка Лога, а кој премиерот Димитар Ковачевски најпрво го поддржуваше и бранеше, но подоцна се огради поради сознанијата дека со него ќе се амнестираат и осуденици во „Монструм“.
За попладнево тројцата министри од Алијанса најавија заеднички брифинг, така што не е јасно сѐ уште како ќе реагира Алијансата за Албанците на ваквата коалициска „рампа“. Претходно Лога се огради од измените за Кривичниот законик и јасно кажа дека не стои зад нив, вперувајќи го прстот во заменичката како автор на измените што беа дочекани на нож во јавноста.
Ова нема да биде прв поголем раздор меѓу Ковачевски и Таравари. Минатата недела веќе имало средба да се пеглаат работите, откако министерот за здравство разрешил повеќе директори на болници кои биле од СДСМ. Од Алијанса за Албанците тврдат дека таков чекор бил направен бидејќи СДСМ не го испочитувала делот од договорот за Влада, а и како што велат опструирал дел од проектите на Алијанса.
Законот за амнестијата денеска треба да се најде на седница во Собранието. Предлог-законот е поднесен во скратена постапка, но според расположението во политичките табори се очекува наместо да се усвои брзо, да заглави во Собранието. Предлогот предвидува амнестија за „лесни кривични дела“ – целосно ослободување на осуденици кои добиле затворска казна до шест месеци, а 30 отсто намалување на казните за останатите. Исклучок се сторителите на тешки кривични дела.
Вака поставениот предлог значи дека од 2.114 осуденици кои се наоѓаат во затворите, на слобода ќе излезат 286, додека делумно ќе се амнестираат 996. Бројката не е конечна бидејќи 2.130 лица чекаат да влезат во затвор и за нив дополнително ќе се прави анализа кој ќе биде амнестиран.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави илјадници амандмани во парламентот за да го блокира предлог-законот. Опозицијата на овој предлог-закон гледа како на „предизборно амнестирање криминалци“. За да ги убеди да гласаат наместо да блокираат, министерот Лога најави дека во Собранието ќе дојде со албум фотографии од лошите услови во затворите и огледала за пратениците „за да се погледнат пред да гласаат“. Во официјалните објаснувања за потребата да се донесе законот власта наведува дека целите се да има ефикасна ресоцијализација на затворениците бидејќи во затворите нема услови за тоа, како и да се намали пренатрупаноста во казнено-поправните установи. Критики за предложената амнестија упатија и од правната фела. Меѓу нив беше професорот по уставно право Светомир Шкариќ кој оцени дека ова се прави од нужда, а не од рационалност и претставува уништување на судството.