И поранешниот шеф на италијанската дипломатија, Ди Мајо, го поддржа Бујар Османи


Бујар Османи и Луиџи ди Мајо во март 2021 во Рим (Фото: ЕПА)

 

Во поддршката на Бујар Османи, кој е кандидат на ДУИ за градоначалник на Чаир преку видео порака се вклучи и поранешниот италијански министер за надворешни работи, Луиџи ди Мајо.
Во обраќањето, Ди Мајо ја истакнува европската ориентација на Османи и неговата посветеност во јакнењето на меѓународните односи:

„Бевме министри за надворешни работи заедно, служевме заедно. Пред сè, Бујар е голем и почитуван пријател на Европа и на Европската унија. Многу добро се сеќавам на неговите напори да ги зајакне односите меѓу Северна Македонија и Европската унија и на неговите амбиции да ја доближи земјата кон членството“.

Тој посебно ја нагласи улогата на Османи во зајакнувањето на врските меѓу Северна Македонија и Италија:

„Ти си голем пријател на Италија. Работевме многу заедно за да ги доближиме нашите земји и нашите народи. Се сеќавам на твоите горди зборови за дијаспората и за значењето на граѓаните на двете земји во градењето мостови меѓу нашите нации и влади“.

Ди Мајо ја завршува пораката со отворена поддршка:

„Ти си мој многу добар пријател, затоа што си доверлив политичар. Ти посакувам многу успех во новиот предизвик. Сигурен сум дека сериозните, вештите луѓе и силните бранители на своите граѓани секогаш ќе бидат поддржани во политичката конкуренција. Среќно со кандидатурата, среќно на твоите сограѓани и на твојата земја“.