И онлајн трговците ќе треба да означуваат со „КУПУВАМ ДОМАШНО“
Владата вчера ги задолжи правните и физички лица во објектите за трговија на мало да обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и слично, со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“, или да ги означат со видна ознака/етикета/налепница „КУПУВАМ ДОМАШНО” заради нивно лесно препознавање. Обврската важи и за продажбата преку интернет, со тоа што македонските производи и услуги ќе треба да се означат со видна ознака/стикер „КУПУВАМ ДОМАШНО”.
На ваков начин, како што се вели во соопштението од вчерашната владина седница, треба да бидат изложени македонски производи за продажба на лицата корисници на финансиската поддршка од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба.
Согласно Уредбата, за прометот на македонски производи и услуги, правните и физички лица издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.
Уредбата ги задолжува правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line продажба преку интернет страници посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака/стикер „КУПУВАМ ДОМАШНО”, како и да постават известување на видно место на насловната страна на интернет страницата, како и на страната за плаќање, со кое ги известуваат купувачите дека со домашната платежна картичка може да плаќаат само македонски производи и услуги кои се означени со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО”.