И новинарите на МИА протестираат за поголеми плати
Вработените во МИА денеска излегоа на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите.
„Првпат во 25-годишното постоење на МИА вработените се принудени преку протест да бараат остварувања на нивните права. Денешниот предупредувачки протест е поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата за зголемување на платите согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот“, изјави Марина Илиевска, вработена во МИА и член на ИО на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Таа информираше дека МИА повеќе месеци чека барањето за зголемување на платите да биде ставено на дневен ред на седница на Влада.
Илиевска посочи дека поради потпросечните плати и неодобрувањето на нови вработувања, МИА веќе се соочува со одлив и недостаток на кадар.
Павле Беловски, претседател на ССНМ, синдикат организатор на протестот, изјави дека ССНМ дава огромна поддршка, бидејќи, како што рече, „МИА е бисер во синдикализмот во македонското новинарство“.
„Тука го имаме единствениот колективен договор што е изработен и потпишан и нуди унапредување на работничките права и заштита на работничките права. Јас се надевам дека нема да застанеме тука и ќе најдеме трајно решение за проблемот, со оглед дека МИА е во вазална состојба секогаш кон Владата, бидејќи буџетирањето доаѓа од таму“, рече тој.