И натаму се влече струја од европската мрежа од снабдувачи за слободниот пазар, но и од ЕСМ


 

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес конференција потврди дека од страна на домашни компании и натаму се повлекува струја од европската енергетска мрежа, но рече дека тоа се главно снабдувачи кои ги обезбедуваат компаниите на слободниот пазар.

Вчера директорот на МЕПСО,  Орхан Муртезани на Топ Тема на ТВ Телма рече дека во неделата биле повлечени на ваков начин 1.700 мегавати, поради што Европската енергетска асоцијација веднаш упатила предупредување.

Според Бектеши, повлечените 1.700 мегавати од европската мрежа, како што соопшти вчера МЕПСО, се главно од снабдувачите кои ги обезбедуваат компаниите на слободниот пазар, но дел се и од ЕСМ.

„Точни се податоците на МЕПСО. Утрово имав координација со директорот на ЕСМ и сакам да ги уверам граѓаните дека моментно не се увезува електрична енергија за потребите на регулираниот пазар. Овие повлекувања не се сите од страна на ЕСМ, туку може да се направат и од снабдувачите кои ги обезбедуваат компаниите на слободниот пазар. Овие 1.700 мегавати повлекување се само во недела и повеќето не се од ЕСМ, туку се главно од снабдувачите кои ги обезбедуваат компаниите на слободниот пазар“, истакна министерот, одговорајќи на новинарско прашања.

Најважно е, дополни Бектеши, што ЕСМ е подготвено и првпат има резерва и во делот на трансформаторот во случај да се случи најлошото.

На прашањето зошто ваквите повлекувања не се објавуваат во дневните извештаи на ЕСМ за произведената електрилна енергија, Бектеши рече дека според информациите што ги има, не се објавуваат заради тоа што еднаш месечно или еднаш во два месеци може да се утврди кој снабдувач или кој трговец со електричлна енергија повлекол одредени колилчини, како и дека тие информации се доставуваат до МЕПСО. Така, што на дневна база не се  знае точно кој повлекол од мрежата во делот на електричната енергија, рече Бектеши.