И Меркел да беше лидер на СДСМ ќе беше обвинета за „заевизам“
Политичката култура е сведена на „крвав“ мегдан за истребување. Сѐ во интерес на политичарите и партиите. Важно е секој да се омаловажи, поништи, оцрни, извалка
Македонската политика секој ден слегува скалило по скалило подолу и не се знае кога може да го допре дното. Ако воопшто има дно.
Актерите во неа ја претвораат самата политика во перверзија, поради што граѓаните веќе не веруваат во ништо што е поврзано со политичарите.
Последниот пример со реакциите на главната опозициска партија на изборот на новиот лидер на СДСМ и раководството покажува колку политичарите ја пренесуваат нивната омраза кон граѓаните.
Ниеден човек од СДСМ не е вреден, никој не заслужува доверба, сите се корумпирани, пиони и што уште не на Зоран Заев, а делумно и на Радмила Шекеринска. Но не и на Бранко Црвенковски.
Кога Димитар Ковачевски беше избран на непосредно гласање на членството на СДСМ за нов лидер на партијата (истиот ден кога ВМРО-ДПМНЕ го одбра Христијан Мицкоски на конгрес како единствен кандидат) опозициската партија по неколку минути објави соопштение во кое него го означи како „пион“ на Заев.
Потоа речиси безгласно беше објавено дека Мицкоски телефонски му честитал на Ковачевски. За веднаш да продолжат бескрајните напади врз Ковачевски. Дури и Ангела Меркел да беше избрана на непосредно гласање за наследник на Заев се чини дека ќе ја добиеше истата квалификација – дека е наследник на „заевизмот“. И, се разбира, корумпирана.
Истото се случи и ноќеска, веднаш по објавувањето на новото раководство на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ објави дека тоа се „исти луѓе, исти вредности, заевизмот продолжува“.
Денеска тоа се надогради со проширена нихилистичка елаборација, за која во последно време е задолжен високиот воен офицер кој стана пратеник – Драган Ковачки.
Ковачки прочита дека „во СДСМ ништо не се менува. Исти луѓе, исти вредности. Составот на луѓе во раководството на СДСМ, е состав на луѓе кои направиле пакт со заевизмот. А, тоа ништо добро нема да ѝ донесе на Македонија. Пионот Ковачевски треба да се огради од криминалот на уценетиот Заев и да отвори случаи против Заеви за огромниот рекет“.
Па откако се фали Бојан Јовановски – Боки 13 за неговите обвинувања против Заев, се редат нихилистичките квалификации против Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска, Миле Зечевиќ, Стефан Богоев, Петре Шилегов…
Никој од нив не е вреден, а Радмила Шекеринска се нарекува „политички метузалем“. Продолжувач на нејзините политики бил Игор Ивановски „кој направи пакт со заевизмот за својата лична кариера. Тој 30 години ништо добро не ѝ носи на Македонија“. Бидејќи Ивановски е роден во 1977, тој уште од 14 години почнал на ѝ напакостува на Македонија.
Неодамна во една телевизиска дебата, Александар Спасеновски, дел од интелектуалното крило на ВМРО-ДПМНЕ, спомена дека било добро што Мицкоски му честитал на Ковачевски и жалеше што тоа не добило поголем одѕив во медиумите. Па и не може да добие кога таа вест истовремено ја поклопија десетина соопштенија од неговата партија со кои треба да се поништи сѐ и секој човек од политичките ривали.
Сите нови луѓе во раководството на СДСМ се стари кадри, додека во ВМРО-ДПМНЕ се гледаат само „нови лица“ – Антонио Милошоски, Илија Димовски, Зоран Ставрески, Оливер Шамбевски…
Работите не се добри. Политичката култура е сведена на „крвав“ мегдан за истребување. Сѐ во интерес на политичарите и партиите. Никој не сака да мисли ниту на граѓаните ниту на државата. Важно е секој да се омаловажи, поништи, оцрни, извалка.