И Максим Димитриевски направи отчет како ВМРО-ДПМНЕ


Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, слично како и ВМРО-ДПМНЕ, направи свој отчет на сработените прокети кои според него бројат 130 само за една година од неговиот втор мандат во Куманово.

Тој потсети дека во претходниот негов четригодишен мандат се реализирале над 400 проекти за граѓаните и целосно биле вратени долговите на Општина Куманово. Помеѓу проектите кои се реализирани во првата година од вториот мандат тој ги издвои два нови кружни текови,  асфалтирани улици во површина од околу 50.000 м2, 20.000 м2 поставен бекатон, 8.000 метри  атмосферска и фекална канализација, 80.000 м2 тампонирање на улици и патишта во текот на изминатата година.

Димитриевски дополнително додаде дека се реконструирани 3 средни училишта, извршена е реконструкција во 5 основни училишта, изградени се 5 нови модерни мултиспорт игралишта со тартан подлога, во тек е реконструкција на Спортската сала, завршена е реконструкција на патеки во Градскиот парк, набавени се 12 нови возила и механизација за јавните претпријатија во Куманово во вредност од 1.000.000 евра.

Покрај сите наведени проекти во делот на инфраструктурата , образованието и спортот, тој посочи дека активно се води сметка и за животната средина, се чисти речното корито и дивите депонии, поставени се мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот на повеќе локации, 40 нови полуподземни контејнери во централното подрачје, 1.000 нови контејнери во приградските населби и селата, како и над 1.300 засадени садници.

Димитриевски потенцираше дека граѓанскиот концепт не должи никому, туку должи единствено на граѓаните и Куманово продолжува во континуитет да се менува на подобро.