И Ленче Ристоска влезе во изборот за наследник на Коцевски
Сите членови на Советот на јавни обвинители да влезе на листата на кандидати за иден државен јавен обвинител што ќе се гласа во Собранието. Ристоска беше најнапаѓаната кандидатка за оваа функција од власта, така што нејзиното влегување на листата ќе додаде тензија на натамошната постапка.
Позитивна оценка од сите десет членови доби и судијата од Кривичен суд Скопје, Ненад Савевски, додека девет членови на Совет на јавни обвинители сметаа дека Лидија Раичевиќ треба да биде избрана за републички јавен обвинител и ѝ дадоа позитивна оценка. Против беше само членката Кети Петкова.
Претходно, Советот заклучи дека Владимир Панчевски не ги исполнува законските услови, бидејќи нема непрекинат работен стаж од најмалку 10 години, а на Анита Тополова-Исајловска и даде позитивно мислење.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.
Советот ќе ги достави образложените мислења до Владата, а таа треба да избере еден од четворицата кандидати. Со ова Советот на јавни обвинители како стручно тело кое ја следи работата на обвинителите не избра еден кандидат според нивната стручност, туку сега Владата може да избере кој сака од овие четворица кандидати. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.
Коментирајќи ја постапката, претседателот на Советот, Башким Бесими, истакна дека членовите постапиле исклучиво врз основа на законските критериуми.
– Ние, во согласност со законот ги разгледавме сите пријавени кандидати и ценевме дека ги исполнуваат условите во согласност со законот и затоа дадовме позитивно мислење. Сите кандидати се јавни обвинители, а еден е судија со успешно работење и во Јавното обвинителство и во судовите. И не можевме како членови да ги делиме зашто сите имаат по 25 или 15 години стаж како обвинители и затоа дадовме позитивно мислење – рече Бесими.
Во врска со тоа дека кандидатката Лидија Раичевиќ во претходниот избор од Советот добила негативно мислење, Бесими посочи дека тоа е одлука на поранешниот состав.
– Тоа била нивна одлука. Сега имаме нови членови и ново разгледување. Не е пресудно дали некој бил на раководно место. Некој можеби никогаш нема да биде ничиј шеф, па сепак може да биде републички јавен обвинител – изјави тој.
На новинарско прашање зошто не биле повикани кандидатите на интервју, иако деловникот ја дава таа можност, Бесими објасни дека членовите на Советот веќе добро ги познаваат кандидатите и дека нема законска обврска за интервју.
Во врска со новиот закон што предвидува поголема транспарентност и доставување програма од кандидатите, Бесими истакна дека Советот морал да постапи по актуелниот закон.