И ЛДП сака уставните измени да важат откако ќе помине ратификацијата во Софија


 

Претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, го поддржува ставот на Владата дека ќе бидат усвоени уставните измени, но тие да важат од денот кога пристапниот договор на Македонија со ЕУ ќе биде ратфикуван од бугарското собрание.

Зајкова смета дека тоа е можноста за излез од евроинтегративниот ќор-сокак.

Во ставот дистрибуиран од ЛДП се вели дека „никаде во Заклучоците за проширувањето на Р.С. Македонија и Албанија усвоени од Советот на ЕУ во 2022 година не стои дека уставните измени треба да стапат во сила веднаш, што остава простор за слободно толкување на точка 4 и точка 6 од истите, што овозможува законодавецот од македонска страна да утврди во Уставниот закон кога тие ќе стапат во сила. Целата процедура може и треба да се смета завршена со самото усвојување на уставните измени и Уставниот закон, во кој ќе има преодна одредба, во која ќе стои дека ќе стапат на сила со денот на ратификувањето на Пристапниот договор на земјата во ЕУ од страна бугарското собрание или од парламентите на сите земји-членки на ЕУ“.

„Во точка 4, јасно е наведено дека Македонија треба да започне со процесот и приоритетно да ги постигне соодветните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата, а кои се дел од други народи, како Бугарите“, вели Зајкова.

Според неа, во заклучоците за проширувањето кои се усвоени од Советот оставен е простор за пошироко толкување и интерпретација, која ја дава можноста да деблокирање на процесот без да се изменуваат веќе усвоените Заклучоци или Преговарачката рамка. Потребна е двете страни да ги прифатат можностите кои ги нуди правото и дипломатијата и македонскиот процес на пристапување кон ЕУ да продолжи.

Таа наведува дека како пример може да послужи „Брегзит“ и Протоколот од Виндзор.

Таа го оценува предлогот на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, за суспензија на уставните измени за нереален и правно неиздржан.

Зајкова додава дека ЛДП ќе биде првата партија што ќе подаде рака на Владата за продолжување и интензивирање на евроинтегративниот процес.