„И кошмар и хорор филм“: Како музичкиот фестивал во Израел се претвори во масакр

Илјадници луѓе се собраа ноќта на југот од Израел во пустината Негев на музичкиот собир поврзан со празник очекувајќи ја зората. Тогаш неочекувано дојдоа ракетите и палестинските милитанти


 

Со недели, возбудените љубители на музиката го очекуваа фестивалот Супернова, кој се одржува во пустината во јужен Израел за да се совпадне со еврејскиот празник Сукот.

„Дојде време кога целото семејство повторно ќе се собере“, напишаа организаторите на социјалните мрежи пред да започне. „И колку забавно ќе биде!“

Само неколку часа подоцна, нивните страници на социјалните мрежи сега се преплавени со очајни луѓе кои се обидуваат да најдат сакани, откако палестинските милитанти упаднаа на фестивалот и отворија оган како дел од огромен ненадеен напад врз Израел.

Израелските медиуми во неделата вечерта објавија дека во безбедносните сили пронашле 250 тела на убиени лица што биле на фестивалот. 

Една од присутните, наречена Ортел, рече дека првиот знак дека нешто не е во ред е кога се огласи сирената околу зори, предупредувајќи за ракети. Очевидци велат дека ракетите брзо биле проследени со истрели од огнено оружје.

„Тие ја исклучија струјата и одеднаш од никаде тие [милитантите] влегоа внатре со пукање, отворајќи оган во секој правец“, изјави таа за израелскиот Канал 12.

„Педесет терористи пристигнаа со комбиња, облечени во воени униформи“, рече таа.

Некои од палестинските милитанти дури се спуштиле и со параглајдери.

Луѓето се обидоа да побегнат од местото, рече таа, трчајќи по песокот и влегувајќи во своите автомобили за да се оддалечат – но посетителите на забавата рекоа дека имало џипови полни со вооружени лица, кои пукале во автомобилите.

„Тие пукаа со рафали, и стигнавме до точка каде што сите ги запреа возилата и почнаа да трчаат. Влегов во дрво, една грмушка и тие само почнаа да прскаат луѓе. Видов многу ранети луѓе рафрлани наоколу а јас сум во дрво и се обидувам да разберам што се случува“.

Местото на фестивалот – со три бини, простор за кампување и бар и област за храна – беше во пустината Негев, во близина на кибуцот Ре-им. Не е далеку од Појасот Газа, од каде што борците на Хамас преминаа в зори за да го започнат својот напад. Тие се инфилтрираа во градовите и селата, земајќи десетици луѓе како заложници.

Посетителот на фестивалот, Адам Барел, изјави за „Хаарец“ дека сите што присуствувале на рејвот биле свесни дека постои можност за ракетен напад во областа – но истрелите биле шокантни.

Како и многу други, тој се обидел да побегне со својот автомобил – но вооружени лица пукале кон нив, па тој излегол и истрчал. „Луѓето беа погодени“, рече тој. „Се сокривме. Сите трчаа по засолниште“.

Естер Борочов изјави за Ројтерс дека возела кога нејзиното возило се судрило. Таа видела млад човек кој вози друг автомобил, кој ѝ рекол да влезе. Таа го стори тоа – но човекот потоа беше застрелан од близина. Естер рече дека се преправала дека е мртва додека конечно не била спасена од израелската војска.

„Не можев да ги движам нозете“, изјави таа за Ројтерс од болницата. „Војниците дојдоа и нѐ одведоа до грмушките“.

Многу посетители на фестивалот – како Ортел – се криеја во блиските грмушки и овошни насади со часови, надевајќи се дека војската ќе пристигне и ќе ги спаси.

„Го ставив телефонот во режим на исклучување, а потоа почнав да ползам низ портокалова шума“, изјави Ортел. Над мене свиркаше жив оган“.

Џили Јоскович за Би-Би-Си раскажа како се сокрила во овоштарник со помело. „Одеа дрво по дрво и пукаа. Видов како луѓе умираат наоколу. Бев многу тивка. Не плачев, не правев ништо“.

На крајот, по три часа, таа слушнала некои гласови на израелски војници и решила да трча на безбедно.

Друг сведок изјави за Канал 12 дека тоа било „четири и пет часа хорор филм… Трчавме како луди, тоа беше само лудо“.

Сѐ уште не е јасен бројот на загинати и ранети на фестивалот. Исто така, не е познато дали Хамас зел некого како заложник од забавата, како што направија во другите градови и села.

Но, Јанив, лекар за итни случаи, кој беше повикан на забавата, изјави за јавниот радиодифузен сервис Кан њуз: „Има најмалку 200 тела на Израелци во областа во која бев“.

„Тоа беше масакр“, рече тој. „Никогаш не сум видел такво нешто во мојот живот. Тоа беше планирана заседа. Додека луѓето излегуваа од излезите за итни случаи, таму ги чекаа одреди терористи. Имаше 3.000 луѓе на настанот, па веројатно знаеја. Имаа разузнавачки информации“

Пријателите и членовите на семејството на исчезнатите сакани сега очајно се надеваат дека ќе ги најдат.

Меѓу исчезнатите е и Британецот Џејк Марлоу (26), кој работел како обезбедување на музичкиот настан, и германската туристка Шани Лук, чија мајка верува дека била киднапирана.

Друга жена, 25-годишната Ноа Аргамани се верува дека била земена како заложник на фестивалот, велат нејзиното семејство и пријателите.

Пријателот на Ноа, Амит Папара, изјави за Би-Би-Си дека ѝ испраќал пораки додека таа се криела.

„Околу 8,30 беше последната порака што ја добив од неа“, рече тој. Амит подоцна виде видео на социјалните мрежи на кое се гледа дека е заробена. „[На неа се гледа] на мотор како е одземена од нејзиното момче. Јасно може да се види нејзиниот ужас како оди во Појасот Газа“.