И историјата на облеката е важна, вели Зорка Тодорова-Младеновиќ

Костимот е моја професија, Скопје е мојата љубов! Скопје во 2028 ќе биде град на културата, вели за новиот проект, врзан за главниот град, неуморната Тодорова-Младеновиќ


Фото: Б. Грданоски

Зад гламурот на модата, стои историја. Сѐ што и да се дизајнира денес како мода, по некое време станува дел од историјата, историскиот развој, односно станува дел од костимографијата. Значи, костимографијата ја изучува историјата на модата, а модниот дизајн ни претставува облека што се препорачува да се носи веднаш по нејзиното појавување. 

Ова е вовед за нашата соговорничка, Зорица Тодорова – Младеновиќ (Кавадарци, 1943), една од ретките во Македонија која работела во славното време на Ју-модата и на македонските филмови кои оставија трага во кинематографијата. Како професор на Факултетот за ликовни уметности, а подоцна и на Институтот за текстил на Технолошко-металуршкиот факултет, ги држела предметите историја на костим и мода, креација на мода и конструкција на уникатна облека, а сега како пензиониран професор, пишува книги и сѐ уште е активна на филмот. Сега е во фокусот на јавноста со фотомонографијата Облеката и модата, од историјата до денес“ во издание на „Арс Ламина“, важен документ за историјата на костимот, модата и културата на облекувањето.  Низ своето прецизно истражување, авторката ја раскажува досега недоволно обработената приказна за историскиот костим и модата – во светот и кај нас – нивниот развој, креативна енергија и културен белег. 

Фото: Б. Грданоски

Со два донатарски настани, еден во рамките на ‘Видик’, фестивал за литература и општа култура, во соработка со Литература.мк и другиот како дел од програмата на Скопскиот моден викенд, беше претставена вашата нова монографија  „Облеката и модата, од историјата до денес“ која допрва треба да добие печатено издание. Зошто, според вас, како дизајнер и костимограф, со образование (Париз, Белград) и професионална кариера (филмови, театарски претстави, колекции) е важно да се знае и историјата на Облеката?

Мојата книга ,,Облеката и модата од праисторијата до денес“ која сеуште не е излезена од печат е прва таква книга на македонски јазик. Во светот, во многу земји постојат книги од ваков вид кои содржат многу информации за историјата на облекувањето и модата. Бидејќи облеката секогаш е поврзана со социјалниот, друштвен и културен живот на дадена земја таа истовремено помага за осознавање на материјалната, социјалната, друштвената, културната состојба на дотичната земја во тоа дадено време.

Промоција на фотомонографијата  на 32. Моден викенд Скопје : Со авторката на предговорот, модната дизајнерка и професор, Лидија Георгиева и модераторката Ангела Доневска

„Ротари клубот Скопје Центар“ иницираше изработка на електронски формат на монографијата значајна за модата и историскиот костим, редок документ на македонски јазик и сведоштво за облекувањето низ вековите и денес. Колку долго работевте на овој проект и како ги обезбедивте илустрациите,  фотографиите и податоците ?

Оваа книга е резултат на моето студирање, проучување и предавање на повеќе факултети кај нас. За студентите имав подготвено учебно помагало- скрипта која подоцна ми стана основа за проширување на текстовите со многу понови информации и дополнување со илустрации за истите. Јас имам голема библиотека со ваков вид на книги и немав проблем да ги оформам содржините кои се во книгата. Што се однесува до илустрациите можам да се заблагодарам на издавачката куќа ,,Арс Ламина“ која и ќе ја печати книгата, но најповеќе на нивната уредничка Бисера Бендевска со која долги месеци работевме на изнајдување на илустрациите. Бидејќи сите тие требаше да бидат со добра резолуција и да не се плаќаат, навистина долги саати ги баравме за да ги дополниме веќе средените теркстови. Книгата со сите нејзини содржини и илустрации има повеќе од 360 страници и не беше баш едноставно сето тоа да се оформи и провери но и естетски да биде примамлива за читање и разгледување.

За кого е наменето изданието, драгоцен водич низ стилови со текот на вековите?

Тоа е книга која најпрвин може да послужи и како учебник за студентите кои ја проучуваат историјата на облеката, како и на учениците  од  средните уметнички и текстилни училишта. Книгата е дополнета со над 800 илустрации кои визуелно ги обогатуваат  текстовите од различните временски периоди. Сметам дека ваков вид на книга треба да ја поседуваат  сите љубители на книги, бидејќи информациите и илустрациите што таа ги содржи ги дополнува содржините што секој еден човек со задоволство сака да ги знае. Книгата  веќе е достапна во електронска форм, а а сега се обидуваме да ја направиме и во печатена форма. ,,Ротари клуб Скопје Центар“ со прибирање на донации сака истата да биде подарена на студентите и учениците кои ќе бидат идни дизајнери кај нас.

Од донаторскиот настан во рамките на „ Видик“ во Литература.мк во „Дајмонд мол“

По што се разликува оваа монографија од вашата претходна монографија, „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“, објавена пред две години?

Монографијата,, Костимот во Македонија од појавата на фотографијата  до денес“ исто така беше прва книга од тој вид. Во неа облеката во Македонија беше поделена во пет поглавја : ,,Македонска народна носија“ , ,,Комитски костим“ , ,, Ала турка- ала франга,“ , ,,Модата  во Македонија меѓу двете светски војни“ и ,,Модата во Маедонија од 1945 година до денес“. Значи таа зборува за модата само во Македонија од даден временски период кога веќе и фотографијата стана сведок на облекувањето кај нас. Оваа, новата книга што треба да се појави на пазарот има многу подолга историска содржина – од праисторијата па до денес и тоа во целиот свет. Се разбира во неа постојат информации и за облекувањето во Македонија од различни временски периоди.

Фото: Б. Грданоски

Вие сте и автор на книгата „Како да станам моден дизајнер?“, а со вашите монографии потврдувате дека сепак, што и да се дизајнира денес како мода, по некое време станува дел од историјата. Зашто модата е сведоштво за време, за естетика и за континуитет што често останува незабележан во брзината на современата индустрија, и дека таа, колку и да се менува, секогаш се потпира на знаењето што некој претходно го оставил зад себе.

Денес модата се менува многу брзо. Скоро секоја недела излегуваат нови информации со нови модели што некој дизајнер ги креирал. Модниот пазар има изобилие од нови тенденции и се потешко може да се потврди каква е  модата во тој момент. Законитостите што некогаш постоеја кога модата се менуваше само двапати во годината, повеќе не важат. Денес изборот е голем, збунувачки и најдобро е да се даде совет да  секоја особа да си одбере свој одреден стил на облекување и во таа насока да ги бара новите модни производи за својата лична гардероба. Тоа е мој совет во овој хаос на се нови облеки што се појавуваат на пазарот. Модните дизајнери веќе не ги бараат основните тенденции за модата која треба да се појави, тие си бараат инспирации од природата, од некој фолклор или вид на облека од одреден временски период или  наметнуваат нови форми што најчесто се многу индивидуални, атрактивни, необични и не баш практични за секојдневно облекување. Класичната елеганција се појавува се помалку но затоа пак црвениот килим секогаш е исполнет со нови смели и доста атрактивни модели. Младите си имаат своја мода, високото друштво своја, политичарите своја, и така за секого се наоѓа по нешто што е привлечно, интересно, допадливо.

Ми спомнавте дека работите и на нов проект, врзан за Скопје. Па што од сите овие монографии, ќе биде круна на досегашната ваша работа?

Костимот е моја професија, Скопје е мојата љубов! Скопје во 2028 ќе биде град на културата! Јас почнав да истражувам и наоѓам податоци за овој наш град и досега сум изненадена од сите писанија за него. Историјата на Скопје навистина е ,,феномен- феникс“ , град од праисторијата па до денес. Во него поминале и живееле многу народи, многу војски го уништувале, се случувале пожари, земјотреси и Скопје одново и одново се обновувал, живеел, се борел. Таков е нашиот град во кој и покрај сите негови торбуленции насекаде се појавуваат стари споменици, многу сведоци од различни временски периоди. Значи сакам да составам една книга која ги бележи сите тие времиња, сите живеења и важни збиднувања во градот. И се разбира дополнето со многу илустрации и фотографии што ги доловуваат тие различни живеачки на нашето Скопје!