И Илија Димовски против „увезените’“ Бадникови поворки
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ реагираше на социјалните мрежи на масовните Бадникови поворки кои изминатите години се организираат со поддршка од државни институции, а со кои се наметнува нова практика за славење на Бадник.
„Со ова новиве увезени верски практики што ни ги форсираат ќе не убедат дека Бадник е поголем празник од Божиќ, ќе не убедат дека ѕвездата е поголема од крстот, ќе не убедат дека поворки и паради се побитни од бдение и молитви, ќе не убедат дека традицијата на нашиот народ не е убава, па мора да увеземе нова…П.С. Попатно учиме и песни преведени од соседните јазици, а имаме свои“, напишпа Димовски на Х.
„Бадниковите литии не се наша традиција, барем не во Охрид, затоа што никогаш не биле практикувани на овие простори. Сите тие бадникови свечени поворки, особено детски, и нововерски песни, се новокомпонирани будалаштини и вештачки усилено наметнати обичаи“, е друга реакција на истата мрежа.
Настрана од фактот што вакви верски настани се финансираат со јавни пари (половина милион денари биле дадени лани на некакво Здружение за возобновување на ттрадиционалните традиции Бадникови поворки), тие на некој начин се и простор за политичка мобилизација која се спроведува од градинките и училиштата, па натаму под име на славење на светлината и единството. Практично преку нив власта си создава приврзаници и ја шири својата идеологија во Македонија во која со Устав државата е поделена од политиката.
Дека е така се виде вчера, кога стана јасно дека централната Бадникова поворка во Скопје вклучи учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои заедно со општинските тимови во претпладневните часови ги пречекаа и даруваат коледарчињата во своите општини. Во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки остварија празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.Во Соборниот храм децата ја пееја песната „Вечниот Бог“, којашто ја најавува радосната вест за Христовото раѓање.
Неговото Блаженство г.г. Стефан ги даруваше децата со архипастирски благослов и пригодни подароци, пренесувајќи ја пораката за верата, љубовта и духовната радост – вредности што Бадниковите поворки наводно ги негуваат и пренесуваат веќе 16 години, иако ретки се тие во Македонија што паметат дека имало вакви поворки претходно.
Официјалниот наратив е дека веќе 16-та година по ред, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во земјава и пошироко, поради што манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје. По огновите што се повеќе се палат низ државата, дури и на уредени тревници и со претворањето на Водно во кафеана каде што со музика и позната пејачка се славеше Бадник, станува очигледно дека се бара нова идеологија за затупување на јавноста откако старата, со „антиквизацијата“, се истроши во првиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ.