И ГЕРБ ќе се жали до европските институци за забраната на влез на Андреј Ковачев


 

Бугарија ќе им го претстави на властите во Македонија и на своите меѓународни партнери прашањето зошто граничните власти не им дозволија влез на европратеникот Андреј Ковачев, претседателот на фондацијата „Бугарско сеќавање“ д-р Милен Врабевски и уште тројца бугарски државјани на 6 мај на граничниот премин кај Ново Село.

Освен бугарското министерство за надворешни работи се јави и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов која преку соопштение наведува дека случајот ќе го претстави пред европските институции.

„На Ѓурѓовден, кога го почитуваме споменот на паднатите војници за нашата татковина, властите на Македонија го направија невидениот чин да не му дозволат на шефот на групата ГЕРБ-СДС во ЕПП, Андреј Ковачев, кој е и портпарол на групата ЕПП во Европскиот парламент одговорна за проширувањето на ЕУ и Западен Балкан“, напиша партијата во соопштението на својот Фејсбук профил.

„ГЕРБ категорично ги осудува овие постапки на властите на РСМ. Ваквите недозволиви мерки, како и сите дејствија од последните месеци против други бугарски државјани или против граѓани на РСМ кои отворено го изјавуваат својот бугарски идентитет, на ниту еден начин не придонесуваат за европската интеграција на Македонија, како и за развој на добрососедски односи меѓу двете земји. ГЕРБ и нејзиниот лидер направија насочени напори да ја забрзаат европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и РСМ“, пишуваат и од партијата.

Од македонското Министерството за внатрешни работи вчера потврдија дека не бил дозволен влез на петмина бугарски државјани, поради неисполнување на условите за влез во државава, согласно законот за странци.

„Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата“, нагласија од МВР.