И дипломат од Естонија бил на геј забавата во Брисел
Организаторот на „журката“ за еден белгиски весник изјави: „На ваквите забави зборуваме, пиеме – и во меѓувреме имаме секс едни со други“
Естонски дипломат учествувал во „забавата за време на карантинот“ – која белгиските медиуми ја опишаа како оргија – што беше разбиена од полицијата во петокот вечерта, соопшти естонското Министерство за надворешни работи.
Забавата – на која полицијата откри 25 голи мажи, според белгиските медиуми – привлече широко внимание затоа што тројца од учесниците се повикаа на дипломатски имунитет, од кои едниот беше европратеник кој се обиде да побегне покрај олук, но беше спречен од полицијата. Обвинителите рекоа дека пратеникот имал наркотици во ранецот.
Во вторникот, Јозеф Саер, висок европратеник од владејачката партија Фидес во Унгарија, потврди дека учествувал во забавата. Саер во неделата одеднаш објави дека ќе поднесе оставка како европратеник, без да ја спомене „журката“.
Откако се појави веста за неговата вмешаност, Саер се соочи со обвинувања за лицемерие бидејќи Фидес во последните години ги кршеше правата на ЛГБТ во Унгарија.
Естонски портпарол рече во средата: „Министерството за надворешни работи е свесно дека естонски дипломат учествуваше на таа забава. Дипломатот се извинува за кршењето на ограничувањата за Ковид-19“.
Белгија објави втора блокада минатиот месец, со воведување полициски час и забрана за собирање на повеќе од две лица внатре и четири лица надвор. Јавното обвинителство соопшти дека полицијата била „предупредена од соседите кои се жалеле на бучава и потенцијално кршење на мерките поврзани со пандемијата на Ковид-19“.
Организаторот на забавата, идентификуван од белгискиот сајт Het Laatste Nieuws како докторанд Дејвид Манжели, за медиумот изјави: „Одеднаш, дневната соба ми беше полна со полицајци. Лична карта! Сега! Но, ние немавме ни гаќи, како можевме тогаш брзо да дадеме лична карта?“
Тој додаде: „На моите забави секогаш поканувам неколку пријатели, кои пак носат неколку пријатели, а потоа се забавуваме заедно. Зборуваме, пиеме – исто како во кафуле. Единствената разлика е во тоа што во меѓувреме имаме и секс едни со други. Не гледам што не е во ред со тоа. Сите ние сме возрасни мажи меѓу себе, сè се случува со заедничка согласност“. (Политико)