И Бугарија и Косово добиле покана да бидат дел од „Одборот за мир“ на Трамп


 

По Албанија и Хрватска уште две земји од регионот добиле покани да бидат дел од таканаречениот „Одбор за мир“ на Доналд Трамп.

Писмото од Трамп било испратено до бугарскиот претседател Румен Радев. Во него Бугарија се поканува да се придружи на земјите-основачи на „Одборот за мир“, а Радев да ја бугарската држава во идната меѓународна организација. Ова го објави прес-службата на Радев во средата.

Формирањето на „Одборот за мир“ на иницијатива на Трамп има за цел да промовира меѓународна соработка за постигнување мирно решение за воените конфликти во Газа и други региони, се вели во соопштението.

Во својот одговор до претседателот на САД, бугарскиот шеф на државата ја нагласи важноста на мировните иницијативи на Трамп за деескалација на голем број воени конфликти. Радев изрази надеж дека поддршката на Доналд Трамп за улогата на дипломатијата ќе доведе до постигнување одржливи мировни решенија во Газа и на глобално ниво. Претседателот Радев, исто така, го истакна признавањето на бугарската дипломатија со назначувањето на бугарскиот дипломат Николај Младенов за висок претставник за Газа во „Одборт за мир“.

Во средата, косовската претседателка Вјоса Османи на Фејсбук објави дека добила покана од претседателот на САД, Доналд Трамп, да го претставува Косово во „Одборот за мир“ како член-основач.

Во исто време, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја прифати поканата за приклучување кон овој одбор.

Израел неодамна изрази незадоволство од тоа што Белата куќа „окупира“ важно меѓународно надзорно тело за Појасот Газа. Нетанјаху, исто така, изрази незадоволство што турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и високиот катарски дипломат Али ал-Тавади се членови на ова тело. Турција и Катар остро ја критикуваа војната на Израел против Хамас.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја прифати поканата во неделата, што го опиша како голема чест за неговиот сојузник Трамп да го избере за член-основач на Советот. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан рече дека и тој ја прифатил поканата.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција не може да ја прифати поканата во оваа фаза. Како одговор, Трамп предупреди дека ќе воведе царини од 200 проценти на француските вина и шампањско, ако Макрон не се приклучи на одборот.

Италијанскиот министер за економија Џанкарло Џорџети изјави во неделата дека смета дека е проблематично Италија да се приклучи на „Одборот за мир“, објави Ројтерс. Италијанскиот весник „Кориере дела Сера“ претходно во понеделник објави дека Италија нема да учествува во одборот, изразувајќи загриженост дека приклучувањето кон група предводена од лидерот на една земја би го прекршило уставот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека добил покана за Советот, но додаде дека не замислува дека ќе биде член заедно со Русија.

Британската влада изрази загриженост во врска со поканата до Путин, предупредувајќи дека тој постојано покажувал дека не е сериозно посветен на мирот. Лондон потврди дека добил покана за приклучување кон Советот и дека ќе ги истражи условите во контакт со САД и нивните меѓународни партнери.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го резервираше својот одговор за подоцна, според соопштението на портпаролот на Брисел.

Германската влада, исто така, добила покана од САД и изјави дека ја разгледува во координација со своите партнери.

Кина добила покана од САД, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, без да прецизира дали ќе прифати членство во одборот или не.

Во Канада, министерката за надворешни работи, Анита Ананд, изјави дека Отава ја проучува ситуацијата, но додаде дека нема да плати 1 милијарда долари.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Давос изјави дека е прерано да се каже дали Хрватска ќе се приклучи на одборот на Трамп, бидејќи иницијативата и поврзаниот документ сè уште не се темелно анализирани и консултирани во согласност со утврдените процедури. Романскиот претседател Никушор Дан ја поздрави иницијативата на Трамп, според соопштението за медиумите од администрацијата на шефот на државата. Сепак, во него се наведува дека Никушор Дан започнал темелен процес на анализа на последиците од евентуалното учество на земјата во „Одборот за мир“, земајќи ги предвид претходните меѓународни обврски преземени од Романија во Обединетите нации, ОБСЕ, како и во Европската унија.

Албанскиот премиер Еди Рама објави дека ја прифатил поканата на американскиот претседател. Албанскиот премиер потврди дека неговата земја останува цврст сојузник на Соединетите Американски Држави во сите напори за промовирање на мирот, безбедноста и конструктивниот глобален ангажман. Тој рече дека учеството на Албанија во „Одборот за мир“ ќе биде доставено на одобрување до албанскиот парламент во блиска иднина.

Доналд Трамп во денешниот говор во Давос рече дека 59 земји досега ја пригатиле поканата да бидеат дел од „Одборот за мир“.