Хрватскиот психолог Барбара Удовичиќ за МИА: Откажете се од врската за која плаќате превисока цена со сопствениот мир и здравје
Откажувањето од некој што нè исцрпува не е предавство на друг, туку чин на љубов кон она што останало од нас. Границата е местото каде што завршува коегзистенцијата и започнува опстанокот, вели Хрватката којашто ја врати довербата во психолошката пракса.
Можете да се откажете од некого без да се чувствувате виновно кога цената што ја плаќате со сопствениот мир и со здравјето станува превисока. Откажувањето од некој што нè исцрпува не е предавство на друг, туку чин на љубов кон она што останало од нас. Границата е местото каде што завршува коегзистенцијата и почнува опстанокот, вели во интервјуто за МИА психологот Барбара Удовичиќ од Хрватска.
Кога првпат ќе наидете на нејзино видео, ќе помислите дека станува збор за уште еден од безбројните „лајф коучи“, кои масовно и наметливо ги населуваат социјалните мрежи. Меѓутоа, бргу сфаќате дека ова е нешто сосема поинакво. Овде не станува збор за банален „копи-пејст“ мотивациски говор или едноставни решенија за сложени проблеми, туку за „груб“, чесен и понекогаш непријатен поглед на реалноста.
Барбара Удовичиќ (Риека, 1975 година) во последно време стана име што предизвикува реакции во целиот Балкански Регион. Нејзиниот пат од новинар („Канал Ри“) до психолог, а потоа до влијателен дигитален глас е приказна што го рефлектира духот на нашето време кога границите меѓу професионалното и личното, академското и популарното се сè помалку јасни.
Нема кај неа типичен терапевтски тон. Ниту позерство, ниту патетика, ниту претенциозност ниту, пак, фрази од типот „сè ќе биде во ред“. Наместо тоа, Удовичиќ зборува како човек што видел прилично живот за да верува во лесни одговори. Отворено зборува за својата приватност, за женственоста и за стигматизацијата, за својот развод, за посвоените деца… без наметливи лекции, туку преку личните примери праќа пораки, кои не се баш оние што сакаме да ги чуеме.
Во овој хаос од поп-психологија и хип хоп медицина, кога секој се чувствува како експерт за сè, имаме сè повеќе потреба од глас што ќе каже: „Стоп. Не е сè депресија. Не е сè траума. Понекогаш си само мрзлив“.
Нејзиното влијание ги надминува регионалните граници токму затоа што зборува за универзални човечки слабости: тенденцијата да бегаме од одговорност, да бараме виновници надвор од себе, да очекуваме дека животот ќе биде лесен. За огледалото на нашите колективни фрустрации, стравови и желби.
Удовичиќ, едноставно, вели, дека можеби ништо не е и нема да биде во ред, но и дека и тоа е нормално.
Што научивте за луѓето како новинар, а не на студиите по психологија?
– Научив дека секој од нас носи приказна која би ни го скршила срцето доколку ја знаевме цела. Психологијата нè учи на процеси, но новинарството нè учи дека најважните работи често се кажуваат само кога микрофонот е исклучен, во тој незгоден простор помеѓу две прашања. Луѓето не сакаат да бидат анализирани, тие сакаат да бидат слушнати. По можност, без осудување.
Дали сте почувствувале дека Вашата професија Ве оттурнува од Вашиот „обичен“ живот?
– Не, напротив. Мојот „обичен“ живот се моите деца, ‘рчењето на моето куче, моето учење… тоа е она што е вистинско. И, за мене, најважното нешто. Мојата професија, особено во последно време, често ми нуди внимание, но животот е тој што ми дава мир. И ако некогаш се чувствувам оттурната, тоа е знак дека премногу долго сум останала во туѓо сценарио и дека е време да се вратам во мојата база.
Сте се сомневале ли некогаш во сопствените ставови и што ве натерало да го направите тоа?
-Постојано се сомневам и се прашувам. Сомнежот го гледам како ментална хигиена. Ако животот ве „избрише“ неколку пати, тогаш сфаќате дека силните ставови честопати се само оклоп. Исто така, би рекла дека денес им верувам на моите сомнежи повеќе отколку на моите сигурности. Сомнежот ни остава простор за раст.
Каде завршува психологијата, а каде почнува здравиот разум?
-Ако психологијата завршува некаде, тоа е местото каде што започнува практичниот живот. Психологијата може да објасни зошто сме вознемирени, но здравиот разум ни кажува дека треба да ги измиеме садовите или да го прошетаме кучето. Би рекла дека сите понекогаш претерано го анализираме коренот на проблемот, заборавајќи дека решението често е во наједноставната акција. Здравиот разум е, всушност, психологија која го соблекла оделото и облекла фармерки.
Нели луѓето денес се „анализираат“ себеси повеќе отколку што живеат?
-Би се согласила со тоа. Често сме затвореници на сопствената интроспекција. Постојано ги „џвакаме“ своите мисли, надевајќи се дека ќе најдеме мир во нив. Но, тешко дека ќе го најдеме тој мир во анализирањето на нередот, повеќе ќе го најдеме во учењето како да дишеме додека трае тој неред. Додека ја бараме „вистинската дијагноза“ за лош ден, животот ни се случува.
Кој е најголемиот мит за менталното здравје што го гледате постојано на интернет и во вашата околина?
-Дефинитивно оној за тоа како целта е да се биде „секогаш среќен“. Тоа веќе стана емоционална тиранија. Менталното здравје не е отсуство на тага или страв, туку способност да се живее со тие чувства, без да им се дозволи да „го преземат кормилото“. Најголемиот проблем е инсинуацијата дека сме „скршени“ ако не сме постојано најдобрата верзија од себе.
Дали некогаш сте се плашеле од сопственото влијание врз луѓето?
-Па, не баш, барем засега. Морам да признаам дека не ми се допаѓа титулата „спасител“. Претежок е за мене. И затоа секогаш се дистанцирам од каков било совет. Моја одговорност е да не лажам кога зборувам за она што сум го доживеала, но секој мора да си оди по својот пат во своите чевли. Можеби само ќе го вклучам светлото за да го направам тој пат малку помалку мрачен.
Што не кажувате на социјалните мрежи, а го сметате за важно?
-Верувам дека секој од нас има дел од себе што не припаѓа ниту на публиката ниту на алгоритмот, а тоа ме вклучува и мене. Таа интимност е нашиот корен. Не зборувам за оние битки што сè уште се во тек и за свежите лузни што сè уште не се безбедни за допирање.
Колку алгоритмите ја обликуваат психологијата денес повеќе од науката?
-Алгоритмите нè ставаат во „меурчиња“ каде што ги слушаме само ехата на сопствените мисли. Психологијата и науката бараат вистина, а алгоритмите бараат ангажман. За жал, денес е поважно да бидеме во право и да добиеме „лајкови“ отколку навистина да разбереме што се случува во нас и околу нас.
Зошто луѓето остануваат во врски што ги прават несреќни?
-Затоа што стравот од непозната празнина е посилен од познатата болка. Ова е заблудата за вложениот труд – жалиме за десетте години што сме ги „инвестирале“, заборавајќи дека со продолжување на таа инвестиција, всушност ги трошиме следните десет години од нашиот мир. Покрај тоа, во нашиот регион, сè уште постои страв од осуда од опкружувањето.
Поинаква ли е љубовта денес или луѓето се променети? Каква е сегашната „битка на половите“?
-Не би рекла дека љубовта се променила. Сепак, денес никој повеќе не мора да трпи никого, што е одлично, но во оваа слобода заборавивме на блискоста. „Битката на половите“ е всушност битка на ега. Мажите и жените денес преговараат повеќе отколку што се сакаат. Секој се плаши да биде прв што ќе ги открие картите, плашејќи се од можноста дека она што го чувствуваме нема да биде возвратено. Но, тоа е позиција на губитник.
Кога е во ред да се откажеме од некого без да се чувствуваме виновни?
-Кога цената што ја плаќаме со сопствениот мир и здравје станува превисока. Откажувањето од некој што нè исцрпува не е предавство на друг, туку чин на љубов кон она што останало од нас. Границата е местото каде што завршува коегзистенцијата и започнува опстанокот.
Што ја „убива“ машкоста денес: феминизмот, „будењето“ или сознанието дека никој повеќе не мора ја трпи таа „машкост“?
-Машкоста ја убиваат шеми кои повеќе не функционираат. Не е вина на феминизмот, туку на сфаќањето дека „да се биде маж“ едноставно повеќе не е доволна квалификација за почит. Денес, мажот треба да има емоционална интелигенција и храброст да биде партнер.
Кои се најголемите предизвици на родителството денес?
-Одгледување на дете во свет кој е постојано „вклучен“. Тешко е да се биде присутен кога екраните постојано ни го крадат вниманието, и за децата и за родителите. Верувам дека секое време имало свои образовни предизвици, ова е нашето.
Постои ли „квантен скок“ помеѓу генерациите? Каква иднина нè очекува со новите генерации во нивното разбирање на животот и живеењето?
-Ако постои, би рекла дека не е нужно исклучиво лошо. Генерацијата Z не е „мека“ генерација, тие се само поискрени во тоа што не сакаат да страдаат како „обврска“. Тие побрзо ја препознаваат токсичноста затоа што пораснале со информации што ние моравме да ги истражуваме со години. Иднината ни носи генерации кои ќе постават повеќе граници, што е добро за колективното ментално здравје.
Сте виделе ли некогаш колеги кои прават повеќе штета отколку корист?
-Секако дека сум видела, се плашам дека ниедна професија не е лишена од ова.
Во бројните групи за психолошка поддршка на социјалните мрежи, често може да се слушнат коментари за непрофесионалниот став на психолозите: нивната незаинтересираност за време на сеансите, нивното „ќе ве повикам“ и никогаш не се јавуваат, недостаток на емпатија, трпение… Не е ли ова предавство, не само на професијата, клиентите, етиката, туку и на сопствениот избор? Ако психологот не ви даде поддршка, тогаш кој?
-Ова се приказни што навистина ме повредуваат, и како психолог и како личност. Психологијата во својата суштина е наука за довербата, а кога таа доверба е предадена, штетата е огромна. Сепак, важно е да се разликува лошата практика на поединецот од професијата како целина. Понекогаш причината лежи во системот што ги „меле“ експертите до точка на прегорување, а понекогаш, за жал, навистина е во луѓето кои заборавиле зошто тргнале по тој пат на прво место. Предавството на клиентот е сериозен етички неуспех, но тоа не значи дека целата психологија, како наука, не успеала. Ако некој удри во ѕид каде што побарал помош, би го повикал да не се откажува од терапијата, туку да продолжи да бара личност која навистина ќе го слуша. Верувам дека има многу мои колеги кои навистина ја работат својата работа со љубов и посветеност.
Според вас, лагата или „суровата вистина“ е поштетна?
-Лагата е бавна инфекција, а вистината е операција. Боли додека се сече, но потоа раната може да заздрави. Секогаш ќе ја одберам вистината, но со допир на човечност. Вистината без емпатија е само суровост.
Луѓето бегаат повеќе од болка или од одговорност?
-Јас би се обложила на одговорноста овде. Полесно е да се каже „јас сум болен“ или „ова е мојата судбина“ отколку да се земе воланот и да се признае дека сме одговорни за тоа каде што сме. Болката е неизбежна, но одговорноста е одлука што нè плаши затоа што нè лишува од удобната позиција на жртва и нè принудува да преземеме акција.
Може ли секој човек навистина да биде „поправен“?
-Верувам дека ние не сме расипани машини што треба да се „поправат“. Подобро би рекла дека ние сме приказни што треба да се уредуваат. Секој може да расте и да ги менува своите обрасци, ако навистина сака. Само оние што наоѓаат утеха и сигурност во својот „распад“ не можат да бидат „поправени“.
Кое е нештото што луѓето не сакаат да го слушнат, а би требало?
-Фактот дека никој нема да дојде и да нè спаси. Можеме да ја имаме најдобрата поддршка на светот, но секогаш сами го правиме тој последен чекор преку прагот. Што е всушност најдобрата вест бидејќи тоа значи дека клучот е во наши раце цело време.
А на луѓето кои постојано бараат „смисла“, би им рекле…?
-Дека треба да почнат да бараат присуство. Смислата не се наоѓа во големите филозофии, туку во мирисот на кафе, во насмевката на детето и во чувството дека сме тука, сега, во сопствената кожа.
Што значи за вас „добар живот“, без клишеа?
-Мир. Чиста совест. Деца кои не се плашат да го кажат она што го мислат. И куче кое ве потсетува дека единственото вистинско исполнување е да бидете присутни за оние на кои им требате тука и сега.