Хрватска загуби 60.000 ученици во последните десет години


Во последните десет години од хрватските училишта „исчезнале“ речиси 60 илјади ученици, или точно 58.570. Поразителен е податокот на хрватското министерство за наука и образование, според кој најголем пад на бројот на ученици имаат Вуковарско-сремската, Пожешко-славонската и Брод-Посавинската жупанија.

Во училиштата во тие окрузи за десет години „исчезнале“ речиси една третина од учениците или околу триесет проценти од нив. Рекордерот Вуковарско-сремската жупанија загуби дури 7.303 ученици, Брод-Посавина 6.019, а Пожега-Славонија 3.006 ученици, пишува Нови лист.

Севкупно, хрватскиот училишен систем претрпе загуба од 11,50 отсто ученици во последната деценија, а овој негативен тренд нема намера да стивне, бидејќи податоците од Министерството покажуваат дека оваа учебна година има дури пет илјади ученици помалку во првата година од основните училишта отколку во првите одделенија на средните училишта. Во изминатиов десетгодишен период хрватските основни училишта загубија 26.079 ученици, а средното образование 32.491 ученик.

– Вкупниот број на основци и средношколци во моментов е 450.638 ученици. Споредено со минатите години, моментално бележиме пад на бројот на ученици од 2.714 во однос на претходната година. Основното училиште моментално брои 304.680 ученици, што е за 4.515 ученици помалку од лани. Гледајќи го периодот од 2013/2014 година до денес Приморје-Горски Котар, Дубровник, Истраската жупанија и градот Загреб се единствените кои бележат пораст на бројот на основци, посочуваат од Министерството.