Хрватска првпат по пет месеци со над 2.000 новозаразени и дури 27 починати од Ковид-19


Во Хрватска во последните 24 часа забележани се 2.022 нови случаи на зараза со коронавирусот, извести во средата тамошниот Национален штаб на Цивилната заштита, што е првпат по пет месеци бројката на коронаинфекциите на дневно ниво да надмине две илјади.

Покрај високиот број новозарзени, регистрани се 27 смртни исходи, што исто така е поголема бројка во однос на дневните извештаи изминатиот период.

Според најновите податоци, во Хрватска сега има 9.092 активни случаи. Од нив 855 пациенти се на болничко лекување, од кои на респиратор се 128 пациенти. Во самоизолација во моментов се 17.305 лица.

Досега вкупно се тестирани 2.935.176 лица, од кои 10.218 во последното деноноќие.

Од 25-ти февраури 2020 година, кога во Хрватска е потврден првиот случај на заразата со коронавирусот, до денеска се регистрирани 421.057 заразени, а починале 8.829 лица во земјата со население од четири милиони.

Заклучно со 12-ти октомври, хрватските здравствени власти употребиле 3.496,972 дози од вакцините против Covid-19, односно вакционирани се 45,80 отсто од вкупното население, односно 54,91 отсто од возрасното население. Во вторникот биле потрошени 6.030 дози од вакцините, од кои 3.359 лица со првата доза.

До средата 1.858.610 лица се вакцинирани барем со една доза, а од нив имунизацијата ја завршиле 1.741.129, односно 1.638.362 лица се вакцинирани со две дози и 102.767 лица со вакцината „Jannsen“ која се дава во една доза, што прави 51,53 отсто од возрасното население.