Хрватска ја претстави иницијативата за развој на регионален пазар на капитал

Хрватскиот министер за финансии Марко Приморац ја претстави заедничката иницијатива на земјите од Централна и Југоисточна Европа за развој на пазар на капитал, на состанокот на министрите за финансии од Еврогрупата, јави ХИНА.
На редовната сесија министрите од еврозоната ја разгледааа актуелната макроекономска состојба и перспективите, вклучително и развојот на фискалната политика во земјите што ја користат единствената европска валута, се наведува во соопштението на хрватското Министерство за финансии.
Министрите, исто така, разменија мислења за подготовките за претстојните годишни состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд што ќе се одржат овој месец.
Во рамки на инклузивниот формат на средбата на Еврогрупата бил разгледан и годишниот извештај за напредокот во исполнувањето на целите на Унијата на пазари на капитал на ниво на ЕУ и на национално ниво. Приморац ја претстави заедничката иницијатива на земјите од Централна и Југоисточна Европа, која Европската комисија ја оценила како еден од примерите за најдобра практика во 2025 година.
Според соопштението, соработката на осумте држави – Хрватска, Полска, Унгарија, Словачка, Словенија, Романија, Бугарија и Северна Македонија – се заснова на уверувањето дека заедно можат да го поттикнат економскиот раст, да привлечат глобални инвестиции и да ја зајакнат отпорноста на своите пазари на капитал на начини кои ниту една од нив не би можела да ги постигне самостојно.
Како главни цели на иницијативата се наведени подобрувањето на пристапот до финансирање и намалувањето на трошоците за компаниите, намалување на зависноста од банкарско финансирање, користење на целосниот потенцијал на финансискиот сектор, зголемување на видливоста на регионалните пазари за меѓународните инвеститори и поттикнување на учеството на институционални и индивидуални инвеститори.
Во ноември 2024 година беше потпишан меморандум за разбирање меѓу осумте национални берзи од оваа иницијатива, а интеграцијата на регионалните капитални пазари е една од петте клучни насоки во Стратегиската рамка за развој на капиталните пазари, усвоена од хрватската Влада во март. Централата на компанијата што ќе ја координира интеграцијата на берзите на Централна и Југоисточна Европа ќе биде во Загреб, наведува ХИНА.