Хрватска ФИНА доби зелено светло од КХВ да стекне квалификуван удел во Македонската берза
Комисијата за хартии од вредност на Северна Македонија ѝ даде дозвола на хрватската Финансиска агенција (ФИНА) да стекне квалификуван удел во Македонската берза АД Скопјe, индиректно преку Загрепската берза.
На 68-та седница на Комисијата за хартии од вредност, со која претседаваше Бујаре Абази, беше донесена одлука со која се одобрува ФИНА од Република Хрватска да стекне квалификуван удел во Македонската берза АД Скопјe, индиректно, преку Загрепската берза, соопшти Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија.
Предметниот удел не надминува 30 проценти од издадените акции со право на глас. ФИНА, чиј единствен основач и сопственик е Република Хрватска, веќе има согласност од хрватскиот регулатор ХАНФА да стекне квалификуван удел во Загрепската берза.
Доколку понудата за преземање на Загрепската берза е успешна, ФИНА би можела директно да стекне 50 проценти плус една акција и со тоа индиректно да поседува 14,99 проценти удел во Македонската берза. Доколку се стекне со 100 проценти удел во Загрепската берза, уделот на ФИНА во Македонската берза би се зголемил на максимум 29,98 проценти.