Хрватска доби дозвола да кова евра, Бугарија ќе почека уште една година


Еврокомисијата, Еврогрупата и Хрватска потпишаа меморандум со кој Загреб ќе може да кова монети на евра

Еврата во Хрватска ќе бидат воведени на 1 јануари 2023 година

 

Хрватска може да започне со ковање евра откако нејзината централна банка и Европската комисија во петокот потпишаа Меморандум за разбирање, во кој се прецизира како ќе се одвива нивното производство откако ќе биде дозволено да се приклучи на еврозоната.

Меморандумот за разбирање го потпишаа извршниот потпретседател Валдис Домбровскис, еврокомесарот Паоло Џентилони, претседателот на Еврогрупата Паскал Донахју и гувернерот на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ на церемонијата во Брдо, Словенија, каде во петокот се состанаа министрите од еврозоната.

Џентилони го опиша потпишувањето на меморандумот како важен симболичен чекор за влез на Хрватска во еврото, што се очекува да се случи на 1 јануари 2023 година.

„Ја поздравувам одлучноста на Хрватска да се приклучи на еврозоната, каде што припаѓа земјата. Комисијата ќе продолжи да ја поддржува Хрватска во нејзините подготовки и напори да ги исполни критериумите за конвергенција“, рече еврокомесарот.

Загреб сега треба да го избере дизајнот на своите монети и да организира редослед по кој хрватската куна ќе биде повлечена од употреба и заменета со еврото. Европската комисија и националните кованици за пари во земјите од еврозоната, исто така, ќе ги пренесат во Хрватска потребните авторски права и алатки за ковање.

Портпаролот на Европската комисија рече дека Бугарија за софиски „Дневник“ изјави земјата ќе може да потпише таков договор за околу една година.

„Може да се очекува дека Бугарија ќе потпише сличен меморандум за разбирање околу 18 месеци пред целниот датум за усвојување на еврото. Бугарија во моментов има за цел да го усвои еврото од 1 јануари 2024 година“, рече портпаролот.

Најновата европска членка, Хрватска, аплицираше за влез во еврозоната една година откако Бугарија го стори тоа во јуни 2018 година.