Христовски пред да стане директор и го честитал „последниот роденден на АНБ“


СДСБ бара од владата да ја повлече одлуката за именување на Бојан Христовски за прв човек на АНБ бидејќи очигледно станува збор за партиски функционер и следбеник на идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со назначувањето на Бојан Христовски власта на Мицкоски и ДПМНЕ прави опасна партизација на Агенцијата за национална безбедност и ги крши законите.Во член 10 од Законот за АНБ јасно стои дека директор на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.Наместо професионалец, на чело на АНБ власта поставува партиски човек, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и активен пропагандист на власта.Бројни објави, фотографии и натписи на неговата Фејсбук страница кои целосно го потврдуваат ова. Буквално секој негов пост е посветен на ДПМНЕ и во функција на пропагандата на Мицкоски.

Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу горд со Мицкоски, со Силјановска, и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија.Буквално нема неполитичка, ниту некаква професионална објава на Христовски, сите му се партиски. Дури и во последните објави на Христовски се гледа тоа. На 25 септември, со слика пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе објави дека „ја чува организацијата“. Кога ги гледате овие објави многу смешно личат изјавите на Мицкоски и ДПМНЕ дека се деполитизирал, тоа едноставно е чиста лага.

Но, има и објави кои се загрижувачки и кои покажуваат какви се неговите скриени намери против самата институција на којашто е поставен.Еве ја таа објава. На 1 септември оваа година Христовски ќе напише: „Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!“ Се поставува прашањето дали Христовски по партиски налог всушност ќе работи за уништување на АНБ?

Со партизација на оваа важна институција, власта има единствена цел повторно да ги злоупотребува безбедносните служби за партиски цели. Исто како и во времето пред 2016 година.АНБ треба да остане независна институција која ќе работи за доброто на сите граѓани, а не за интересите на една партија и еден човек, а тоа се Мицкоски и ДПМНЕ.На политиката и на партиските кадри не им е местото во АНБ, порачаа од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија дека Бојан Христовски  како професионалец бил изложен на  хајка и мобинг од партиските кадри на СДСМ и дека немаат кредибилитет да зборуваат за безбедносните служби бидејќи самите ги партизирале АНБ и АР додека беа на власт.

„На чело на АНБ го поставија партискиот кадар Виктор Димовски, кој беше партиски функционер на СДС“, изјави  Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека Виктор Димовски беше член на ИО на СДСМ, највисоко тело во опозициската партија, и член на нивните комисии. Во Агенцијата за разузнување СДСм, според него, го  постави Еролд Муслиу кој во ек на најголема власт на СДСМ ги следел функционерите на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи ја службата.

„Муслиу правеше хајки против ВМРО-ДПМНЕ, а од Агенцијата за разузнавање направи партиски штаб на СДС. Да потсетиме само дека СДС за директор на УБК своевремено го имаше и Миле Зечевиќ, партиски функционер, кој потоа стана и генерален секретар. За разлика од кадрите на СДС како Виктор Димовски, Еролд Муслиу и Миле Зечевиќ, ВМРО-ДПМНЕ на чело на службите поставува професионалци“, тврдеше Петрушевски , нешто што може да го каже и за претходните тројца што ги спомена и на кои практично има замери на партиските врски. 

На прашањето за новиот директор на АНБ, Премиерот Христијан Мицкоски порача дека апсолутно верува во неговите професионални капацитети, иако никој тоа не го спори во моментов и не е тема на реакциите.  

„Му посакувам многу среќа и успешна работа на Христовски во делот на обезбедување на безбедноста на Македонија како држава и на вас граѓаните за да можете слободно да се движите и да можете да функционирате. Тој преку фер судска постапка во минатото покажа и докажа дека е жртва на политички мобинг и прогон од претходната разбојничка влада на СДСМ и ДУИ и дека го заслужува местото каде што е назначен“, рече Мицкоски.

Премиерот останува на ставот за спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање „зашто тоа е реформа што на најголемиот дел од сојузниците во НАТО ја имаат направено“. Тој потврди дека за ова е во комуникација со претседателката Сиљановска-Давкова, бидејќи Агенцијата е во нејзина надлежност.

„Ние сме го разговарале ова и апсолутно ова е резултат на потреба како реформа, не зашто некој има сега лична фрустрација, па ќе спојува агенции. Така е направено во најголемиот дел од нашите сојузници во НАТО Алијансата“, рече Мицкоски.