Хирургот од Битола признал дека зел поткуп и доби условна казна, ОЈО се жали

БИТОЛА – Познатиот битолски хирург М.С (64) признал дека примил поткуп од пациентка и добил условна казна на судењето во Основен суд Битола. ОЈО Битола не било задоволно од одлуката на судот и поднело жалба на пресудата.
Хирургот за операција на жолчно ќесе побарал од фамилијата на пациентката да се „почести“ со 150 евра.
Судот првично му определи притвор од 8 дена, а потоа дополнителни 30 дена, поради опасност од бегство.
На судењето хирургот ја признал вината за кое се товари, велат од ОЈО Битола.
„Жалбата поднесена од ОЈО Битола во овој случај е за висината на изречената санкција, сметавме дека санкцијата не е правилно одмерена согласно одредбите од кривичниот законик“, изјавија од ОЈО Битола за „Независен“.
Веднаш по обелоденувањето на случајот со хирургот, Битолската болница го смени од раководната функција и во консултација со Министерството за здравство го суспендира од работа, а од раководството на болницата изјавија дека се оградуваат од постапката на посочениот доктор.
Сега од Битолската клиничка болница за „Независен“ потврдуваат дека хирургот додека бил во притвор поднел барање за заминување во пензија и од 26 февруари е формално во пензија.
На 28 јануари годинава хирургот беше пријавен во полиција од семејство од битолско, дека за операција на жолчно ќесе врз повозрасна пациентка побарал 150 евра за наводно да се „почести“.
ОЈО Битола во описот на делото наведе дека – „Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот ден во просториите на болницата во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите“. (А.Б.)