Хеликоптерот „Блек хок“ слета на скопскиот аеродром, утре ќе биде вклучен во гаснењето на пожарот на Готен

Хеликоптерот „Блек Хок“ од Чешка попладнево со седумчлен екипаж слета на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, хеликоптерот од утре ќе се вклучи во гаснењето на пожарот на планината Готен.
– Чешкиот Блек Хок со седумчлена посада слета на аеродромот Скопје. Утре наутро ќе почне со дејство врз пожарот на планината Готен од беровската страна, информира Ангелов.
Хеликоптерот е со големо ведро од 3,4 тони вода, а во гаснењето на пожарот ќе бидат вклучени и 62 пожарникари од Словенија кои со 18 специјални противпожарни возила се очекува доцна вечерва да пристигнат во Берово.
– И хеликоптерот и словенечките пожарникари ќе бидат упатени на гасење на големиот пожар на планината Готен од беровската страна. Во текот на утрешниот ден ќе упатиме и други национални сили и ќе се фокусираме на овој пожар, бидејќи на останатите места состојбата е благо релаксирана. Помош ни понуди Австрија со 80 пожарникари и Франција со 50 пожарникари, истакна Ангелов на денешната прес-конференција.