Харков повторно е цел на руски артилериски напади


 

Артилерија го удри градот Харков за прв пат по две недели, токму кога животот во вториот по големина град во Украина почна да се нормализира откако руските трупи беа потиснати од неговите оддалечени градови и села.

Регионалниот гувернер на Харков, Олех Синехубов, изјави дека најмалку седум лица се убиени, а 17 се повредени во нападите на северниот дел на градот.

„Нема логика во тоа, тоа е само терор врз локалното население, да се сее паника и да се уништи критичната инфраструктура“, рече Синехубов, облечен во воена униформа со пиштол на колкот, во интервју за „Гардијан“ во центарот на Харков набргу по нападите.

Градот кој главно зборува руски, во близина на границата на двете земји, беше силно нападнат во првите денови од војната додека руските сили се обидоа да ја преземат контролата, но тие беа вратени назад во предградијата. Русите напаѓаа со артилерија и проектили во градот, во една прилика уништувајќи ја зградата на регионалната администрација, сместена во голема структура од времето на Сталин.

Русите беа дополнително оттурнати во последните шест недели, откако украинските сили ја вратија контролата врз неколку градови и села, но тие и понатаму се на артилериски дострел до центарот на градот.

„Две недели беше релативно тивко… Мислам дека тие ни кажуваат дека сѐ уште се таму, обидувајќи се да создадат паника“, рече Синехубов.