Хаос во Ротердам поради анти-ковид мерките – има повеќе повредени (видео)


Толпи демонстранти во пристанишниот град Ротердам во Холандија запалија автомобили и фрлаа камења кон полицијата која одговори со истрели и водени топови, откако протестите против построгите мерки за Ковид-19 станаа насилни во петокот вечерта, при што беа повредени седум лица, јавија агенциите.

„Пукавме предупредувачки истрели, а имаше и директни бидејќи ситуацијата беше опасна по живот“, изјави за Ројтерс портпаролката на полицијата Патриша Веселс.
„Знаеме дека најмалку две лица се повредени, веројатно како резултат на предупредувачки истрел, но треба дополнително да ја истражиме точната причина“, рече таа. Подоцна беше пријавено дека се повредени и полицајци.

Новинската агенција ДПА објави дека најмалку седум лица се повредени и дека десетици се уапсени.
Некои луѓе на социјалните мрежи споделија слики од човек за кој рекоа дека бил застрелан од полицијата, но полицијата вели дека иако ги виделе фотографиите, сè уште не знаат како лицето било повредено.

Неколку стотици луѓе се собраа за да изразат противење на плановите на владата да го ограничи пристапот во внатрешни простории на луѓето без сертификат за КОВИД – доказ дека тие се вакцинирани или закрепнале од инфекцијата.

Полицијата издаде итна наредба во Ротердам, го прекина јавниот превоз и им нареди на луѓето да останат дома. Беа употребени водени топови, а полицијата на коњи ја растеруваше толпата.

Властите, исто така, ги повикаа минувачите и луѓето кои ги снимаат немирите да им ги испратат снимките до полицијата за понатамошна истрага.

Холандија повторно воведе некои мерки за затворање минатиот викенд во наредните три недели во обид да го забави повторното ширење на коронавирусот, но дневните инфекции останаа на највисоките нивоа од почетокот на пандемијата.

На видеото објавено на социјалните мрежи се гледаат запалени полициски автомобили и демонстранти како фрлаат пиротехнички средства и камења кон полицијата.