Хамлет, Одисеј, Пенелопа, кралот Артур… Сиљановска спомна многу имиња во обраќањето до дипломатскиот кор
Според Сиљановска, потребен е нов импулс на мултилатерализмот кој ќе го брани меѓународното право нема да дозволи правдата да стане привилегија на силните
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека меѓународниот поредок не е заснован на меѓународното право, а уште помалку на правда, етика и морал, туку отворено се повикува на моќ, оружјето се активира. Во обраќањето до дипломатскиот кор на приемот организиран во Охрид, Сиљановска рече дека живееме нова реалност, конфузна, контрадикторна и неизвесна во која „тукидитовците и макијавелистите туркаат кон Хобс, а кантовците и вилсоновците предупредуваат“.
Употребувајќи имиња од историјата, уметноста и митовите Сиљановска рече дека имала „сериозен научен сомнеж во тезите на Френсис Фукојама за ‘крајот на историјата’, во смисла на конечна победа на либерализмот и крај на контрадикторноста меѓу слободата и еднаквоста, како и во тезите на Хантингтон за неминовен судир на цивилизациите, не верував дека толку брзо ќе дојде времето кога повторно ќе се отворат прашањата за коишто мислев дека едно полнолетно човештво одамна ги надминало и затворило: време на војни, милитаризација, нова трка во вооружување, време на хибридни закани, сајбер-напади, дезинформации, авторитаризам, брутален реализам“.
Не споменувајќи ги директно заканите на Доналд Трамп кон Гренланд Сиљановска рече дека „легалното сe помалку е праведно, а праведното ретко станува легално.
Малите држави, како мојата, на сопственото искуство, најдобро ја спознаа меѓународната политиката како сила. Малите држави заедно со средните мора да бидат најгласните поддржувачи на мултилатерализамот во ера на разгоропаден мултиполаризам, старо-нови голијати, па и неоунилатералистичка геополитичка, економска и енергетска доминација“.
Сиљановска рече: „Претпочитам тркалезни Артурови маси (мисли на легендата за кралот Артур – н.з.), наместо мапи на фронтови и цели на уништување“.
Осврнувајќи се на условот од преговарачката рамка на ЕУ за уставни измени таа го поврза со Хомеровата приказна за кралот на Итака, Одисеј, и неговото враќање од Тројанската војна и средбата со сопругата.
„Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни ‘само уште еден услов’, да направи ‘само уште една отстапка и уставна промена’, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет!
Тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди“, им рече ба дипломатите Сиљановска-Давкова.
Па, зборувајќи дека „сите сме пред Хамлетовска дилема: да се биде или да не се биде“, таа рече дека е потребен нов импулс на мултилатерализмот кој ќе ја брани Повелбата и меѓународното право, кој ќе ги штити малите, слабите и ранливите нема да дозволи правдата да стане привилегија на силните.
Таа уште објаснуваше како треба да функционира Европската унија. „Западниот Балкан не е проблем на апсорпциониот капацитет на Унијата. Напротив, интеграцијата на регионот е прашање на безбедност, на стабилност и на геополитичка рационалност во време на растечко геополитичко ривалство.
Мора да учиме лекции од искуството што го имаме за да не инспирираме и предизвикаме во иднина слично однесување на секој што ќе влезе во Европската унија кон кандидатите за кандидати, пишувајќи тажни балкански приказни.
Ако проширувањето стане механизам во кој секој нов член добива право да го ‘редефинира’ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост. Бараме проширувањето да се врати таму каде што припаѓа: во рамката на Копенхашките критериуми, во рамката на меритократијата, во рамката на реформите и владеењето на правото. Само така, европската перспектива ќе остане кредибилна“.
Доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, во своето обраќање на приемот, во име на сите амбасадори изрази благодарност до претседателката за нејзината политика на отворени врати и континуирано пријателство со дипломатската заедница.