Хајдн, Шулхоф, Брамс – новогодишен концерт на „Охридско лето“ со квартетот „Диогенес“


Во организација на фестивалот „Охридско лето“ синоќа во Национална опера и балет концерт одржа светски познатиот квартет „Диогенес“.

Со специјално одбрана програма на дела од Јозеф Хајдн, Ервин Шулхоф и Јоханес Брамс, младите виртуози од светот на класичната музика, Стефан Кирпал и Гундула Кирпал на виолина, Алба Гонзалес и Бецера на виола и Стивен Ристау на виолончело, како што соопшти националната утанова „Охридско лето“ приредиле несекојдневно воодушевување за љубителите на класичната музика.

 

Министерката за култура на Република Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање пред почетокот на концертот забележа дека „Охридското лето“ не познава годишни времиња, туку е фестивал кој надминува какви било врамувања.

– Едноставно, ова е фестивал кој во себе ја има длабоката суштина на уметноста со што стана еден од најпрепознатливите брендови на земјава, во регионот и во Европа. „Охридското лето“ својата мисија на пријателски мост со светот ја шири и со овој празничен концерт, рече Костадиновска – Стојчевска.

Сите фестивалски вечери на оваа институција, според неа, се празник, но оваа вечер, пред Нова Година носи посебна свеченост и грижа за публиката.

– Фестивалот ни порачува дека врските кои културата ги гради се нераскинливи и трајни, и дека уметноста го облагородува животот и ги обединува луѓето, што е осбенво важно во време на празници. „Охридското лето“ ја покажува својата големина испишувајќи ја својата приказна во текот на целата година, најавувајќи нови копродукции и настани во рамки на иницијативата Отворен Балкан, и како членка на Европската асоцијација на фестивали, истакна министерката.

За директорката на националната утанова „Охридско лето“ Наташа Поповиќ изминатите 62 години установата е претставник и промотор на врвната уметност, прикажувајќи континуирано високо ниво на програмски содржини и ексклузивни уметници, како од земјава, така и од светот.

– Нашата заложба е фестивалската рамка да ја прошириме и надвор од традиционалната, од 12 јули до 20 август, и тоа успешно го правиме изминативе години. Горда сум што сега за првпат успеавме да реализираме новогодишен концерт со што потврдуваме дека сме скалило погоре во негувањетo и презентирањето на врвната уметност. Тоа е единствениот начин со кој ја оправдуваме водечка улога за обезбедување и презентирање на културните вредности, рече Поповиќ.

За љубителите на класичната музика, најави и осмомартовски и велигденски концерт во организација на „Охридско лето“, а за претстојното 63-то „Охридско лето“ пак, откри дека нѐ очекуваат 40 фестивалски вечери со настап на светски познати, но и докажани домашни уметници.