Хаѕидакис: Интерконекторот за природен гас и нафтоводот може да ги приближат Северна Македонија и Грција
На интерконекторот за природен гас и надградба на нафтоводот, како на два енергетски проекти кои можат да ги приближат Северна Македонија и Грција, меѓу другото, се задржал министерот за животна средина и енергија на Грција, Костис Хаѕидакис за време на тркалезната маса „Регионална енергетска безбедност и соработка“ што вчера се одржа во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
На средбата присуствуваа и државниот секретар на САД, Мајк Помпео и вицепремиерите за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши.
– Министерот за животна средина и енергија особено се осврна на двата енергетски проекти што можат да ги приближат Грција и Северна Македонија: Интерконекторот за природен гас меѓу двете земји и надградбата на постојниот нафтовод што може да ја направи Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан, соопштија од Министерството за животна средина и енергија на Грција.
Во соопштението се додава дека конкретно за нафтоводот, Хаѕидакис одржал состанок со учество на заменик министерот за надворешни работи на Грција, генералната секретарка за енергија во надлежното Министерство, претседателот и извршниот директор на „Хеленик петролеум“, вицепремиерите и министерот за економија од Северна Македонија, како и помошник -државниот секретар на САД за енергетика и американската амбасадорка Скопје.
– Беше договорено да продолжат разговорите меѓу сите засегнати страни со цел да се најде заеднички именител колку е можно побргу, соопштуваат од грчкото Министерство.
Информативниот портал „Капитал“ денеска пишува дека на состанокот било решено да се формира заедничка работна група со цел да се најде решение за нафтоводот одново да започне со работа до крајот на годинава.
Според информациите на порталот, „Хеленик петролеум“ и Северна Македонија ја разгледуваат можноста за изнаоѓање вонсудска формула за ставање крај на спорот, „со тоа што грчката компанија има намера да го искористи износот што ќе го добие за да инвестира во секторот на зелена енергија во соседната земја“.