Гувернерот Славески до студентите практиканти: Вие сте дел од иднината на централното банкарство


Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески ги поздрави студентите практиканти кои почнуваат со практична работа во институцијата посакувајќи им успешен почеток и можност за стекнување нови знаења и практични искуства.

Како што информира Кабинетот на Славески, средбата се одржа во Музејот на Народната банка, во годината кога се одбележуваат 80 години централно банкарство – јубилеј што го отсликува долгогодишниот придонес на институцијата во градењето на довербата во националната валута и одржувањето на макроекономската стабилност.

-Вие сте дел од иднината. Искористете ја практикантската работа најдобро што можете – поставувајте прашања, учете од вашите ментори и бидете отворени за нови идеи, порача гувернерот Славески.

Студентите практиканти ќе имаат можност да се запознаат со работата на различни организациски единици на Народната банка, вклучително монетарната политика и истражувањето, финансиските пазари, статистиката, информатичката технологија, правните работи и трезорското работење, стекнувајќи поширока слика за функционирањето на една современа централна банка.