„Гугл“ ќе плати 93 милиони долари заради користење податоци за локација без согласност


Технолошката компанија „Гугл“ со седиште во САД се договори за 93 милиони долари со американската сојузна држава Калифорнија, решавајќи ги наводите дека компанијата користела податоци за локацијата без согласност, прекршувајќи ги законите за заштита на потрошувачите во Калифорнија.

Спогодбата следи по повеќегодишната истрага на Министерството за правда на Калифорнија, кое откри дека технолошкиот гигант ги измамил корисниците со складирање, собирање и користење на нивните податоци за локацијата за рекламирање и профилирање на потрошувачи без согласност, се вели во соопштението на државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта.

– Нашата истрага откри дека „Гугл“ им кажува на своите корисници една работа – дека повеќе нема да ја следи нивната локација откако ќе ја исклучат, но го прави спротивното и продолжува да ги следи движењата на своите корисници за комерцијална корист, рече Бонта во соопштението.

– Тоа е неприфатливо и со денешната спогодба го сметаме „Гугл“ за одговорен, додаде тој.

Портпарол на „Гугл“ не одговори веднаш на барањето за коментар, јави ДПА.

Спогодбата доаѓа откако „Гугл“ минатата година постигна договор со 40 други држави за 391,5 милиони долари поради практиките за следење локација.