„Гугл“ ќе им плаќа на медиумите за објавените содржини


Американскиот интернет гигант „Гугл“ во четвртокот објави дека е подготвен да потпише договори со медиумски куќи со што за прв пат би се обврзал да плаќа надомест за објавување на информативните содржини, јавија агенциите.

„Гугл“ со години се обидува да се одбрани од барањата на медиумските компании ширум светот финансиски да им надомести за користењето на содржините. Европските медиуми беа особено гласни во својата критика, пренесува Ројтерс.

Американскиот гигант конечно попушти и соопшти дека е подготвен да посегне во џебот објавувајќи програма за купување лиценца според која ќе им плаќа на издавачите за квалитетни содржини за ново информативно искуство што се планира за втората половина од годината, објави на блогот потпретседателот на „Гугл“, Бред Бендер.

„Информативно искуство“ е нов производ на „Гугл“ што ќе се лансира на Google News и Google Discovery.

Во првата фаза, „Гугл“ ќе потпише договори со германските „Шпигел“, „Цајт“, „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“ и „Раиниш Пост“, со австралиските „Шварц медиуми“, „Конверзејшн“ и „Солстис медиа“ и со бразилските „Диариос Асоцијадос“ и „А Газета“.

Во следната фаза, договори ќе бидат потпишани со медиумите на други земји.

Бендер во објавата не објаснува како содржината ќе им биде претставена на корисниците, ниту колку приход очекува „Гугл“.

„Динамичната индустрија на вести е важна, можеби поважна од било кога, затоа што луѓето бараат доверливи информации во време на пандемија и растечката загриженост за расната неправда ширум светот“, заклучи еден од шефвите на „Гугл“.