Губи ли инфлацијата здив? Во септември помала за 0,2 отсто од август, но на годишно ниво и натаму високи 4 отсто


Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во септември 2025 година во однос на претходниот месец е -0,2 отсто, покажаа податоците на Државниот завод за статистика објавени денеска. На годишно ниво, пак, таа и натаму е висока, четири отсто, во однос на септември лани, а истиот износ го има и ако се поредат првите девет мецеси годинава, со истиот период лани.

Намалувањето на инфлацијата во септември 2025 година, во однос на август 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Транспорт за 3,3 отсто, Ресторани и хотели за 1,3 отсто, Рекреација и култура за 0,7 отсто, Облека и обувки за 0,3 отсто, Разновидни стоки и услуги за 0,2 отсто и Храна и безалкохолни пијалаци за 0,1 отсто. 

Во септември 2025 година, во однос на август 2025 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 2,8 отсто, Комуникации за  1,8 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,8 отсто, Здравје за 0,4 отсто и Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,3 отсто. 

Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец. 

Индексот на цените на мало во септември 2025 година во однос на август 2025 година изнесува 99.3. 

Индексот на трошоците на животот во септември 2025 година, во однос на септември 2024 година, бележи зголемување од 4,0 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4,1 отсто.